Победата на СДСМ во првиот круг од локалните избори е позитивен тек на настаните и можност за подобрување на односите меѓу Скопје и Атина, изјави пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.
– Самиот факт што националистот Никола Груевски загуби на локалните избори, е позитивен тек на развојот на настаните. Сега во Скопје имаме многу посигурни и попродуктивни соговорници во однос на прашањето за името – истакна Кумуцакос, коментирајќи ги резултатите од првиот круг од локалните избори во Македонија.
Кумуцакос изразува задоволство од подобрување на атмосферата со Македонија за решавање на спорот за името и истакнува дека Грција ќе стори сè што е потребно за да се реши спорот, со што ќе се отвори евроатлантската перспектива за земјава.
Во однос на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Вашингтон, Кумуцакос вели дека очекува конкретни резултати за одредени прашања важни за Грција.
– Ова е златна шанса за Грција, која, како членка на НАТО и на ЕУ, но и како демократска земја, е извор на стабилност и покрај големите внатрешни проблеми – вели Кумуцакос, додавајќи дека очекува Ципрас да обезбеди позитивна позиција од САД, не само за спорот со Македонија, туку и за односите со Турција, кипарското прашање и за други прашања што се од национален интерес./Meta