Европската комисија ја разгледува можноста за намалување на цените за роаминг со земјите од Западен Балкан, откако земјите кандидатки за влез во ЕУ бараа да се укинат овие трошоци.

Европската комесарка за дигитална економија и општество Марија Габриел побара од службите на ЕК да изработат насоки за намалување на цените на роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, изјави за БИРН портпаролот на ЕК.
Габриел е прва која ја објави оваа иницијатива во средата на работниот состанок со амбасадорите на ЕУ од шест земји на Западен Балкан, нагласувајќи дека дигиталната интеграција на Балканот е нејзин приоритет.
„Комисијата веќе ги поттикна мобилните оператори да ги усогласат стапките на роаминг со основните трошоци на прекуграничниот проток на податоци во регионот“, соопштено е од Европската комисија.
Сепак не е речено кога би можеле да се укинат трошоците за роаминг.
За Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, овој процес траеше 10 години. Наплатата на услугите за роаминг меѓу ЕУ и овие земји укината е годинава на 15 јуни, а овој чин беше оценет како позитивен во остварување на корисничките права. Балканските земји кандидатки веднаш потоа упатија барања правилото да се прошири и на нив.