
„Одделот за организиран криминал и корупција при Јавното обвинителство, истрагите за 27 април ги почна од потврдување на кривичните дела кои не се забележуваат директно од безбедносните камери, односно потврдување на сомнежите дека на 27 април во Собрание имало и тајни агенти на безбедносните служби. Обвинителниот орган, преку овие истраги треба да потврди која била улогата на тајните агенти, нивниот мотив и влијание кон фактичката состојба во насилството во крвавите настани“, информира АлсатМ.
Од Јавното обвинителство не даваат информации кои агенти конкретно се истражуваат, под образложение дека ова може да и наштети на предистражната постапка. Сепак, работната група при МВР која состави извештај за крвавите настани во Собрание, наведе дека меѓу насилната толпа е потврдено присуство на тајните агенти кои таа ноќ не биле на работна задача.
Извори на Алсат М од Јавното обвинителство објаснуваат дека сомнежите за вклучување на агенти на 27 април ги потврдуваат постапките на маскираните лица, кои таа ноќ беа во собраниската сала.
Во врска со нивните дејствија, МВР презема дисциплински мерки кон двајцата агенти на УБК кои по крвавите настани се обиделе да ги земат снимките од безбедносните камери.
Настрана од истргата, медиумите го открија и присуството на српскиот агент кој се води како дипломат Горан Живалевиќ во Собранието, кој пак за српските медиуми изјави дека за негото присуство бил информиран и кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, конкретно советникот за безбедност, Синиша Алексовски.
Ритамот по кој се одвиваат истрагите за крвавите настани не ја исклучува можноста одговорноста на пратениците на ВМРО ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Саше Василевски да се утврди во последната фаза од самата истрага.
Реконструкцијата на настанот придонесе делата како што е насилството и обидот за убиство да останат во надлежност на Јавното обвинителство, додека делата кои имаат основа за организиран криминал да се процесираат во Обвинителство за организиран криминал. Одделот за организиран криминал до сега на информативен разговор повика десетици сведоци и осомничени, но се уште за ниту еден од осомничените не е отворено обвинение или пак поднесена кривична тужба.