Милошоски обвини дека постојано се следат нивни приврзаници

од desk2
112 прегледи

 

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денска обвини дека на Република Македонија и се случуваат едни избори во кои што се загрозени основните демократски процеси и со кои што директно се врши влијание на изборната волја на гласачите.

„Ова се избори каде што сеуште со сеење и со закани се атакува на ограничувањето на основното право на граѓанинот, а тоа е правото на слободен избор. Притоа не е страшно што ова се случува скоро во сите општини каде што ќе има втор круг на гласање, туку поопасно е што нема ниту заштита од државните институции, а многу државни институции се дел од овој процес на вршење притисок врз граѓаните“, рече Милошоски.

Нема општина која што влегла во вториот круг на гласање, а да не се следени активистите на ВМРО-ДПМНЕ на Коалицијата „За подобра Македонија“, смета Милошоски, кандидатите за градоначалници или нивни соработници, или претседатели на општински комитети.

Како пример ги наведе општините Росоман, Гази Баба, во селото Виниче и во селото Булачани, населеното место Инџиково, општина Виница, во ромското маало во Штип, во населбата Три Чешми во Штип, населението кажува дека секој ден доаѓаат луѓе од СДС и нудат пари, а тарифата се движи од 1.000 до 3.000 денари за глас за кандидатот за СДС.

„Во општина Демир Капија активисти на СДС со познати досиеја на полицијата за одредени злоупотреби во минатото им се закануваат на граѓаните со насилство, со физички повреди, само затоа што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ бил во посета на едно домаќинство. За ова видовме и едно сведоштво на повозрасен брачен пар, кое што беше објавено во медиумите. Полицијата, МВР повторно не реагира и се става во заштита на оние кои што во името на СДС вршат притисоци врз граѓаните“, рече Милошоски.
Тој забележа дека случаите се пријавени во полиција, но дека од таму нема никаква реакција..

„За сите вакви изборни документирани насилства, закани, притисоци или уцени одговорност ќе мора да има“, изјави Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНE.