Државниот шпански обвинител Хозе Мануел Манца најави подигање обвинение против лидерите на Каталонија кои стојат зад прогласувањето независност на овој шпански регион.

Како што пишува El Mundo, тие ќе се товарат за побуна и проневера на јавни средства кои се поврзуваат со илегалниот референдум и дополнителната декларација за независност зад кои стои поранешниот претседател на Каталонија, Карлес Пучдемон.
Обвинителот Манца изјави дека ќе поднесе две тужби против поранешните членови на Владата и Парламентот на Каталонија – една пред националниот а друга пред Врховниот суд.
Истакна дека тужбите ќе бидат поднесени против функционерите на Каталонија кои со своите одлуки и акции во текот на последните две години довеле до институционална криза која кулминираше до еднострано прогласување независност.
Тужба ќе биде поднесена и против потпретседателот на Каталонија Ориоло Жункерес и 12 членови на Парламентот и Владата на Каталонија. Манца укажа дека тие го прекршиле Уставот на Шпанија.
Како што пишува порталот на државната телевизија RTVE, за овие кривични дела може да биде исречена казна до 30 години затвор. Сега осомничените ќе бидат повикани на сослушување, а во случај да не се појават ќе бидат приведени.
Пред Националниот суд на Шпанија ќе одговараат Карлес Пучдемон, Ориол Жункерес, Жорди Турул, Раул Ромева, Антони Комин, Жосеп Рул, Долорс Баса, Мериксел Борас, Клара Понсати Обиолс, Жоаким Форн, Луис Пуиг и Горди, Карлес Мундо, Сантијаго Виља, и Мериксел Серет, додека пред Врховниот суд ќе одговараат Карме Форцедал, Луис Мариа Короминас, Ана Симо, Рамона Баруфет и Жоан Жосеп Нует и Пухалс.