ите радио станици City Radio, Club FM и Метрополис радио мрежа објавија дека ја повлекуваат „кампањата за пре-еманципирани жени“ која неколку дена одеше во етер на овие три радиа.

„Овие медиуми воопшто немаа намера да го навредат интегритетот на жената, нити пак некого да дискриминираат.
Напротив, целта на овој, за нашата публика нов, медиумски наратив беше сите кои претеруваат, со посебен акцент на оние кои газат се пред себе (за кои впрочем е и наменета кампањата) да се потсетат што е етичко, што сакаат, колку можат и колку треба.
Овие медиуми имаат огромна публика која ја разбира, ја поддржува и се забавува со нестандардната реторика на овие џинглови но, почитувајќи ја и останатата публика, која јасно и се спротивстави на кампањата, медиумите одлучија да одговорат со извинување до сите кои се почувствувале посочени и навредени.
За таа цел овие три радиа ја повлекуваат кампањата од етер“, стои во објавата на трите радио станици.
Пред да се случи повлекувањето, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатираше дека спотовите од заедничката кампања во сопствена продукција на радијата, се мизогинистички и сексистички.
„Агенцијата констатира дека кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам, што е флагрантно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. „Трите радиодифузери кои ја продуцирале оваа кампања, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно неспојлив со професионално однесување“, соопштија од АВМУ.
До трите радија се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот, Извештајот од надзорот е достапен на веб страницата на Агенцијата, а ќе биде испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација, извести АВМУ.
Попладнево Либертас објави за острите осуди и револт кај експертите и активистите за родова еднаквост и човечки права кои ги предизвика кампањата:
„Педагогијата“ на кампањата оди уште подалеку и закучува: „Еманципирани кучки“, „Имаш се, само немаш секс“…. или „Лош пример за еден добар љубовник – кога еден ден од нејзиниот кревет ќе завршиш пред олтар. Опасноста нејзиното его да те исфрли на улица е многу веројатна.“
Драгана Дрндаревска од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ во изјава за Либертас кажа дека кампањата е шовинистичка и застапува мизогинија.

-Шовинистичка кампања, а извинувањето не е баш извинување. Не може жените да бидат ПРЕ-еманципирани и како што пишуват во извинувањето тоа да биде „претерана“ „контра-продуктивна крајност“. Со тој став повторно застапуваат мизогинија и шовинизам. Какви се тие жени што се ПРЕеманципирани? На што мислат, на жени што гласно го искажуваат својот став, жени кои доминираат во јавноста, жени кои го имаат последниот збор во семејството- тоа ли е таа контрапродуктивна еманципација? – рече Дрнадаревска:
Таа го искоментира и дополнителното извинување на трите Радија и коментарот дека „ ПРЕеманципираните жени заборавале на етичкото во себе и истото бил сквернавење на архитипското и суштественото кај жената “
– Родот е социјална конструкција, секоја жена има право да самостојно да одлучува како ќе се однесува без разлика дали тоа е во согласност со наметнатите родови улоги. Мислењето дека на пример жените треба да се депилираат е родов стереотип. Кампањата ги промовира и зацврствува родовите стереотипи, и тука нема ништо симболично или иронично, јасна е пораката. – рече Дрнадаревска.

Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет за човекови права објасни дека кампањата е јасно дикриминаторска и прави „повторена, повеќекратна, интерсекциска и продолжена дисриминација.“
-Тоа се потешки облици на дискриминација. Уште позагрижувачки е што станува збор за кампања која се емитува подолг период на повеќе радиостаници и преку која се врши директна дискриминација кон жените кои не се вклопуваат во општествено наметнатиот родов стереотип за позиција на жената во општеството – рече Јадровски.
Додаде дека Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе поднесе претставка до Агенцијата за аудиовизуелни медиуми и до Комисијата за заштита од дискриминација.

Универзитетската професорка Беса Арифи кампањата ја оцени како исклучително штетна во конкретниот општествено-политички и економски контекст на земја како Македонија која е релативно конзервативна.
-Опасно и штетно е во ваков контест повторно да се дискриминира жената која и онака не е во рамноправна позиција со мажот – рече таа.
Легитимно прашање е зошто жената се обвинува дека е „пре“еманципирана, што и да значи тоа, и од друга страна дали има некаков паралелен аршин да се види која мажот би бил прееманципиран и дали тоа би било проблем. Не е проблем кариеризмот кај мажите, нивните неодговорни повици. Сето тоа се третира како машка работа – вели Арифи.
Според Арифи кампањата ја пренесува пораката дека жената не смее да биде еманципирана колку мажот, туку нејзе и се гарантира еманципација „до одреден степен“.
-Понатаму еманципацијата останува за мажот. Повторувам, ова е незамисливо, целосно негативно, дискриминирачки и штетно. Во вакво поднебје наместо да се мотивира жената да работи и да стекне економска независност, таа станува цел на конзервативна и навредлива кампања – вели таа.

Јана Коцевска од организација на фестивалот „Прво, па женско“ за Либертас изјави дека креаторите на кампањата кампања не само што не допринесуваат кон разрешување на било какви општествени дилеми, туку дополнително зацврстуваат веќе постоечки стереотипи, кои преманципираните “единки“ веќе со години пробуваат да ги разбијат.
-Најдобронамерно им порачувам да не ја преземаат одговорноста тие да одредуваат кои се вистински, суштествени егзистенцијални вредности кај единките, бидејќи навистина разочаруваат со своите ставови. Пораките во кампањата се крајно неуки, банални и небулозни и јасно се гледа дека имаат намера да се спротистават на некои феминистички вредности. Нивното извинување е исто толку неуко и банално како и самата кампања – рече таа.
-Не го слушам многу ова радио, но имав прилика да чујам дел од кампањата и тоа следното: “Велат дека Брижит Бардо никогаш не заборавала да се издепилира. И ништо намерно, она е родена за секс симбол. А ти, доволно ќе биде да не ја заборавиш депилацијата. Оваа реченица во етерот ја кажува маж, кој што во овој џингл е во улога на “еманципатор“ на жените, кој им укажува на тоа дека треба да се секогаш “средени“.

Трите радија реагираа на критиките преку фејсбук и се обидоа да објаснат дека немале намера да го навредат или дискриминираат идентитетот на жената, нејзината позиција, улога и значење во семејството, во општеството и во некоја од неговите сфери.
Нивната реакција подолу во целост:
-Напротив, префиксот ПРЕ од насловот на кампањата, има намера да посочи дека се што оди во крајност и е претерано е контра-продуктивно, дека газењето на се пред себе во исто време значи заборавање на етичкото во себе, и сквернавење на архетипското и суштественото кај жената.
Кампањата посочува и на машкиот квази-традиционален модел на супериорен, егоистичен, пасивен маж, со „генетска предиспозиција за доминантност“, кој живее на грбот на жената.
Кампањата, како и сите претходни кампањи кои ги продуцираат овие медиуми, преку симболичен и ироничен јазик, има за цел да ги поттикне вистинските, суштествени егзистенцијални вредности кај единката.
Секој кој сака да полемизира по однос на содржината на оваа кампања, може слободно и гласно да го каже своето мислење во живо, во некоја од емисиите кои се емитуваат на овие три радиа.
Со почит до сите кои ги слушаат, ги поддржуваат или не се сложуваат со конкретни содржини што се пласираат во овие медиум.