(ФОТО) Тодоров отвори адвокатска канцеларија

од desk4
128 прегледи

Поранешниот пратеник, вицепремиер, министер за здравство, како и за образование и наука, Никола Тодоров стана адвокат и отвори своја адвокатска канцеларија.

Никола Тодоров вчера свечено ја отвори својата адвокатска канцеларија, сместена во Капиштец, а на социјалната мрежа Фејсбук беше споделена и фотографија на Тодоров во друштво на својот брат Мартин, со синовите и пријатели.

Триесет и осумгодишниот Тодоров е дипломиран правник. Тој во 2002 година дипломираше на правниот факултет во Скопје, насока „Граѓанско право“. Во своето обраќање неодамна преку социјалните мрежи, при поднесувањето на оставка од функцијата пратеник, Тодоров напиша дека одлучил во иднина да се посвети на неговата основна професија, адвокат.

-Имајќи во предвид дека планирам во иднина повеќе да се посветам на мојата основна професија како адвокат, како и да можам да дадам поголем придонес во партиските активности, дозволете ми да ве информирам дека одлучив да поднесам оставка на функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија, напиша тогаш Тодоров во својот пост на Фејсбук.

Тодоров во периодот од јули 2009 до јули 2011 година ја извршуваше функцијата министер за образование и наука, додека во периодот од јули 2011 до јуни 2017 година беше министер за здравство.

За работата на Тодоров беа организирани и повеќе граѓански протести, а случај кој најмногу оддекна во јавноста беше тој за малата Тамара која почина додека чекаше државна помош за операција во странство.

Тодоров често се споменуваше и како еден од можните наследници на Никола Груевски на лидерската позиција во партијата ВМРО-ДПМНЕ, а тој се уште е член на Извршниот комитет на партијата.

Сепак, отворањето адвокатска канцеларија многумина го толкуваат како начин да се тргне од политиката.