Претседателот на Чешка Милош Земан се изјасни против независноста на Каталонија затоа што така би се отворила Пандорината кутија и ќе предизвика ланчана реакција.

„Денес Каталонија, утре Северна Италија, задутре Шотска, потоа Баскија, затоа што ЕТА тоа ќе го сака. Следната седмица Моравска, во Словачка јужна Словачка… Кипар со тоа веќе е погоден, а тоа проблемот само ќе го овековечи. Не. Штом ќе започнете ланчана реакција, никогаш нема да сопре“, рече Земан во редовното неделно интервју за приватната чешка телевизија TV Barandov.
Чешкиот претседател нагласи дека е категоричен противник на самостојност на европските региони затоа што со тоа се отвора Пандорината кутија, а потсети дека сегашниот референдум во Каталонија и прогласувањето на независноста е спроведено во спротивност со Уставот на Шпанија.
Претседателот Земан минатиот месец по повод референдумот во Каталонија ја предупредуваше меѓународната заедница дека раководи со двојни аршини, кога прифати кршење на територијалниот интегритет на Србија кога се отцепи Косово, а истата работа на Крим ја нарече нелегална анексија од страна на Русија.
„Јас тогаш го критикував отцепувањето на Косово. Сметам дека тоа е флагрантно кршење на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, која, ако се сеќавате го гарантираше територијалниот интегритет на Србија заедно со Косово. За жал, се случи нешто што се вика мерење со двојни аршини, ткн. Дупли стандарди. Кога референдумот е на Крим, тогаш анексијата е назаконска, кога се осамостои Косово тогаш се е во ред“, вели Земан во интервјуто.
Чешкиот претседател рече дека она што тој може да направи е да не прифати Чешка да прати амбасадор во Косово.
„Јас како претседател реагирав така што не именувам наш амбасадор во Приштина. Затоа што не го именувам, едноставно, таму нема да го има. И не го примам косовскиот кога примам странски амбасадори“, рече Земан.