Српската опозиција одбива да учествува во внатрешниот дијалог за Косово, што го иницираше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со оценка дека тој претставува „залажување на јавноста“ со кој шефот на државата сака да си ја „испере совеста“. 
– Ние не сакаме да учествуваме во оваа фарса. Тоа е како да предложи да се собереме сите и да направиме пита, потоа Вучиќ да го земе парчето што го сака, а сите ние да ја споделиме одговорноста за направеното, изјави синоќа лидерот на опозициската Демократска партија (ДС), Драган Шутановац при гостување на српската државна телевизија РТС.
Според него, дијалогот за Косово треба да се води во српското Собрание, пред кое Вучиќ би требало да поднесе конкретно предлог решение, по кое би се расправало на собраниска седница.
Шутановац оцени и дека излегува оти Бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина е во интерес само на косовските Албанци.
– Исполнети се сите точки од Брислескиот договр што се во интерес на косовските Албанци. Ако во тој договор првите шест точки се однесуваат на Заедницата на српските општина, од кои ниту една не е исполнета, се поставува прашањето зошто служи Бриселскиот догвор, додаде Шутановац.
Лидерот на опозициската Демократска партија на Србија (ДСС), Милош Јовановиќ од своја страна изјави дека ни неговата партија не сака да учествува во дијалогот за Косово, оценувајќи го како „фарса и фингиран разговор“.
– Неговиот формат е осмислен на начин од него де не може да излезе ништо добро. Тоа е политички прашање и во внатрешниот дијалог треба да учествуваат политичари. Бесмислено е во него да улествуваат невладини организации, рече Јовановиќ.
Тој оцени дека внатрешниот дијалог е фарса не само според формата, туку и според суштината, се додека Србија останува определена за членство на ЕУ.
– Сите знаат дека услов за наше членство во ЕУ е да се откажеме од Косово и Метохија. Тоа го знаат и птиците на гранка, рече Јовановиќ.
Внатрешниот дијалог, како што јави МИА, го иницираше Вучиќ како форма на разговор меѓу власта, политичките партии, научната јавност и невладините организации посветен на иднината на Косово, со оценка дека тоа е една од најзначајните иницијативи во новата историја на Србија, со која првпат прашањето на Косово „не се пика под тепих“.