
– Балканскиот Полуостров има ретка шанса да биде во можност да го замеме местото на Велика Британија, по нејзиното излегување од ЕУ. Сега е моментот, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на заедничката прес-конференција со претседателот на Еврокомисијата Жан-Клод Јункер.
Според Борисов, тој регион може да стане незаменлив дел од Европа, од гледна точка на „инфраструктурата”.
– Ако изградиме железничките линии, автопати, ќе има можност да се приклучат, истакна бугарскиот премиер.
Конкретно за Западен Балкан, Јункер истакна дека во моментов изгледа дека ниту една од земјите во регионот е подготвена да влезе во ЕУ, но не треба да се одзема европската перспектива.
Јункер посочи дека на Бугарија не и е потребно некој однадвор да и осигурува безбедност, тука таа ја обезбедува за другите и ги повика земјите од балканскиот регион да го следат тој пример.
Претседателот на Еврокомисијата посебно ја посочи Турција, како земја со која Унијата сака да гради најдобри можни односи, но оцени дека Турција прави чекори наназад.
– Сакаме Турција повторно да стане Европска, вели Јункер и дополни дека ЕУ презела ангажман да додели три милијарди евра за бегалците во таа земја, и оти тоа нема да се промени.
– Нема нешто подобро за Европа, бегалците да се во центрите во Турција, поблиску до своите родни места, каде можат да се вратат кога ќе заврши војната, дополни Борисов.
Јункер, исто така, посочи дека бугарското претседателство претставува одлична шанса Бугарија да покаже колку вреди. Според зборовите на претседателот на Европската комисија, Бугарија може да биде олицетворена во мотото „Обединети сме посилни“, под кое Софија ќе раководи во текот на шест месеци со Европската унија.
Жан-Клод Јункер застана зад барањето на Бугарија да стане најновиот член на еврозоната, со оглед на тоа дека Брисел се залага сите земји во ЕУ да ја усвојуваат заедничката валута.
По состанокот со бугарскиот премиер, претседателот на Европската комисија рече дека „отворено” ја поддржал апликацијата на земјата за усвојување на еврото. Бугарскиот лев е поврзан со еврото откако единствената валута беше воведена во 1999 година.
– Морам отворено да кажам дека Бугарија е подготвена (за членство во еврозоната). И ако аплицира Бугарија, тоа го поддржувам од се срце, рече Јункер.
По одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, Комисијата се обидува да ги охрабри седумте земји надвор од еврозоната да ја усвојат единствената валута со нудење „претпристапна” помош за владите кои ќе одлучат да се ангажираат со членство. Шведска, Полска, Унгарија, Бугарија, Хрватска, Романија и Чешка моментално не се членки на еврозоната, додека Данска трајно ја отфрли таквата можност.