„Квадратот“ ќе го отвори 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“

од Vladimir Zorba
101 прегледи

  Шведската сатирична комедија „Квадратот“, која годинава победи на Канскиот фестивал, вечер во кино „Милениум“ ќе го отвори 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“. До 19 ноември ќе бидат прикажани 135 филмови во неколку категории.

Покрај 20-те наслови од гала-програмата, која има звучни режисерски имиња и остварувања наградени на престижните фестивали и кои се најпосетени на „Синедејс“, фестивалот ќе има и вкупно 14 филмови во двете натпреварувачки програми – Официјална и СинеБалкан, потоа музички документарци, шведски филмови од програмата „Земја во фокусот“, МК кратки и студентски филмови, а во придружната програма ќе се одржат седум концерти и четири работилници.

Фестивалот ќе заврши на 19 ноември со македонската премиера на играниот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски и со соопштување на  наградите од натпреварувачките програми (и годинава селектирани од Бернд Будер). Од наредниот ден, 20 ноември, фестивалот ќе продолжи со десетдневен филмски маратон во Џебното кино на МКЦ со проекции во десет различни тематски целини.

Организаторите најавија дека речиси од сите натпреварувачки филмови ќе има гости од филмските екипи, кои по проекциите ќе разговараат со публиката. Меѓу нив ќе биде и Семих Капланоглу – добитник на Златна мечка во 2010 во Берлин. Тој е и претседател на жирито за филмовите од официјалната конкуренција, а на „Синедејс“ премиерно во гала-програмата ќе биде прикажан неговиот последен филм  „Пченица“. Меѓу гостите од придружната програма ја издвоија светски познатата кастинг-агентка Ненси Бишоп од работилницата за скрининг-техники на снимање аудиции и филмови.

И оваа година ќе има фонд за награди од по 300.000 денари за најдобриот филм во Официјалната селекција и во СинеБалкан, а ќе се доделуваат и награди за најдобра филмска критика за филмовите што се прикажуваат на фестивалот.