Се прават критериуми за нов лидер најави ген секот на ВМРО ДПМНЕ, а то значи се бара замена за Груевски.

Идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку Никола Груевски замине од првата позиција на партијата, треба да исполни три основни столба: да биде лик што ќе биде прифатен од сите граѓани, да има позитивен рејтинг во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски во интервју за емисијата „Фактор“ на ТВ 24.
Како што рече Мицковски, најголемата опозициска партија следните чекори ќе ги објави откако ќе ја завршат темелната анализа за случувањата пред, во тек и после изборите, а која претходно ќе биде претставена пред партиските органи.
Прашан дали тој има амбиции да го замени Груевски, Мицковски рече дека не би било коректно да каже дали тој ги исполнува тие критериуми.
Според Мицковски, во ВМРО-ДПМНЕ се неопходни темелни реформи, од најниските до највисоките структури на партијата. ВМРО-ДПМНЕ, истакна, ќе биде конструктивна за се што е во интерес на граѓаните и државата.
Индиректно тој призна дека се подготвуваат критериуми , а со тоа и пат за избор и смена на Никола Груевски. Тоа не значи воопшто реизбор туку се подготвува избор на нов лидер по оставката која е неспорно дека ќе следи од страна на лидерот на заминување Никола Груевски.
Локално.мк потсетува дека Никола Груевски беше избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ со помош на Љубчо Георгиевски во 2003-та година. Тој беше премиер на земјата од 2006-та година до крајот на месец јануари на 2016-та година. Во моментов тој е под истрага и обвинет во неколку дела кои се водат од Специјалното обвинителство во Скопје. Груевски е и со одземен пасош и нема право да ја напушти Република Македонија