
Дел од најзначајните места во новата локална власт во Струга кои во времето на Зијадин Села им припаѓаа на кадри Албанци, Рамиз Мерко ќе треба да му ги отстапи на СДСМ. Партиски извори од партијата на Заев за Алсат велат дека како резултат на јавната поддршка којашто му ја дале на Мерко во вториот круг од изборите, ќе бараат да добијат претседателско место во општинскиот Совет, секретар на општината, директорско место во јавните претпријатија, како и неколку вработувања. Мерко кој во вториот круг од изборите победи во речиси сите македонски населени места, за Алсат вели дека е подготвен на договор.
„Мислам дека немаме некој посебен проблем во договарањето. Иако не сме седнати официјално веќе имаме разговарано во тој поглед и мислам дека нема да има проблем да се договориме за да почнеме со работа што побрзо.“ – изјави Рамиз Мерко, градоначалник на Струга
Интересен ќе биде и распоредот на силите во градскиот совет, каде ДУИ и Мерко засега немаат мнозинство. Најбројна е советничката група на Алијансата на Албанците со осум советници, од каде потврдија дека со Беса, која има двајца советници, веќе договориле заеднички настап во советот.
„Јас мислам дека нашата работа ќе биде критична кон градоначалникот и проектите коишто нема да бидат во корист на нашите граѓани. Затоа овде ние ќе делуваме заеднички со коалицијата од вториот круг. За градоначалникот ќе биде тешко да реализира некои од проектите бидејќи нема доволен број на советници. Ние нема да ги поддржиме проекти кои се на штета на граѓаните.“ – посочи Имер Имери – носител на советничка група на Алијанса на Албанци
„Коалицијата со ДУИ ќе продолжи да функционира исто како што е и коалицирањето на централно ниво. Ќе работиме на реализација на заедничка програма која ќе ја содржи и предизборната програма на СДСМ.“ – рече Николина Велкоска – носител на советничка група на СДСМ1
Во овој советнички состав ДУИ има шест претставници, а СДСМ седум, што заедно ги води до заеднички број од 13 советници. Алијансата и Беса заедно имаат 10. Тоа значи дека од четворицата советници на ВМРО-ДПМНЕ ќе зависи кој ќе го има мнозинството. Од партијата на Груевски ни изјавија дека иако во моментов немаат договор со ниту една друга страна, сепак во зависност од евентуалните преговори, ќе донесат одлука како ќе делуваат.
.