Министерството за внатрешни работи сè уште не почнало да ги истражува агенциите за обезбедување. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на брифинг со новинарите најави дека ќе се истражуваат сите агенции за обезбедување откако во јавноста се појавија лиферувања дека токму ваквите агенции се користат како параван за рекетарство, информира ТВ24.

Од МВР денеска не добивме одговор кога ќе почнат да се чешлаат агенциите за обезбедување. Во акцијата која МВР ја спроведе викендов, кога 13 скопски локали добија пломби на вратите, биле проверувани и лицата кои биле во функција на обезбедувачи.
Според нашите информации, проверени биле затекнатите обезбедувачи на локалите, но не и самите агенции за обезбедување. 24 локали и ноќни клубови доцна во саботата беа цел на полициска проверка по сомнежите дека во голем број угостителски објекти не се почитуваат законските прописи за работното време, точење алкохол на малолетни лица, неиздавање на фискални сметки и друго. Дел од коментарите во јавноста пак, завршија на сметка на МВР.
Оттаму демантираа дека станува збор за пресметка со неистомисленици и велат дека се работи за класично непочитување на законите.
„Апсолутно ги отфрлам таквите шпекулации МВР, УЈП, ДПИ и ДИТ, постапуваа не селективно, значи се контролираат сите угостителски објекти“, вели Тони Ангеловски – МВР.
Шпекулациите за поврзаноста на агенциите за обезбедување со рекетарството повторно станаа актуелни по убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев кога во јавноста се спомена и името на новоформираната агенција Серта. по големата акција на МВР. Полицијата во саботата извршила контрола во 24, а оттаму рекоа дека акцијата е спроведена врз основа претходно изготвени анализи и оперативни сознанија.