Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров оствари уште една средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ во Брисел.
Според двајцата министри тие разговарале за комуникациските модалитети, како и комуникациските механизми во рамки на ЕУ.
– Разговаравме за прашања поврзани со комуникациите, комуникациските механизми во ЕУ, при што потенцирав дека мораме да имаме исправна политика за да имаме исправна комуникација, рече Коѕијас по средбата.
Тој потенцирал дека Европа има потреба од политиките засновани на вредности, демократија, на социјална прашања, како и на визијата за поинакво општество.
Други детали не се соопштени.
Од друга страна пак премиерот Заев со конкретни прецизности.
Македонскиот премиер Зоран Заев очекува на 20 или 21 ноември да се одржи првата средба меѓу преговарачите од Македонија и Грција со посредникот на Обединетите нации во решавањето на спорот со името, Метју Нимиц. Ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање по средбата со словенечкиот премиер Миро Церар.
Заев зборуваше за натамошниот тек на европските и евроатлантските интеграции на Македонија, при што напомена дека во таа насока пред се фокус се става во решавањето на спорот со Грција.
– Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кој што го има Република Грција со нашето уставно име, а кој истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц, рече Заев.
Истакна и дека овој месец се очекува интензивирање на преговорите.
– Ние, во Македонија, се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување, нагласи македонскиот премиер.
Тој посочи дека Македонија гради пријателски односи со Грција и изрази уверување дека во таква пријателска атмосфера може да се најде решение и на ова, како што истакна, горливо прашање
