Приведен Роберт Мугабе, лидерот на Зимбабве со најдолг стаж

од desk2
227 прегледи

Армијата на Зимбабве соопшти  дека ги ставила во притвор претседателот на државата Роберт Мугабе и неговата сопруга Грејс.

Во обраќање преку националната телевизија војниците нагласија дека ги обезбедуваат и владините кабинети и патролираат низ улиците во главниот град.

– Во Зимбабве не е извршен државен удар, тврдат воени лица, кои се обратија на националната телевизија. Тие потврдија дека ја презеле власта, но истакнаа дека не станува збор за државен удар, туку нивна цел се „криминалците“ околу претседателот Роберт Мугабе.

Претходно, војниците го уапсија и министерот за финансии Игнатиус Чомбо, откако ја зазедоа власта во обид да се справат „со криминалците околу претседателот Роберт Мугабе кои им причинуваат социјално и економско страдање на луѓето“, соопшти владин извор. Армиски сили се распоредени на клучни места во Хараре меѓу кои и пред зградата на Палраментот.

Според западни медиуми, пред банките се формирани долги редови во обид луѓето да ги повлечат заштедите.

Роберт Мугабе е светски рекордер по должина на претседателскиот стаж . Тој на власт во таа Зимбабве е од 1980 година или 37 години. Како  претседател со најдолг стаж на една африканска држава, а веројатно и во светот,  поради начинот на владеење многумина го обвинувале за насилно гушење на опозицијата и уништување на земјата.

Мугабе е роден на 21 февруари 1924 година, а на власт во Зимбабве е од 1980 година. Бил премиер од 1980 до 1987 година, а од 1987 година станал шеф на државата. Пред две години е избран за претседател на Африканската унија, што предизвика незадоволство во африканските земји. Бил лидер на организацијата Африкански национален сојуз на Зимбабве, која се борела за слобода на црномурестото домородско население во тогашна Родезија. Освен по „цврстата рака“, во Зимбабве е познат и по негативните ставови кон западните земји.

Својата политичка експанзија Мугабе ја почнува во 1960 година кога се придружил на Националната демократска партија, која брзо потоа е забранета бидејќи се спротивставила на администрацијата на премиерот Јан Смит. Три години подоцна ја напуштил таа партија и се приклучува на Африканската национална унија на Зимбабве, движење кое е создадено врз основа на марксистичкото учење.

Во периодот од 1964 до 1974 година бил во затвор. Мугабе завршил студии по право и економија на Лондонскиот универзитет. И покрај неговата влошена здравствена состојба, Мугабе неодамна изјави дека ќе почне да размислува за повлекување од претседателската функција кога ќе наполни 100 години.