Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини рече дека идејата за „заедничка безбедносна структура и соработка со ЕУ“ повеќе не е план или сон, туку реалност.

Говорејќи на годишната конференција на Европската агенција за одбрана, Могерини рече дека 23 членки потврдиле подготвеност, а наскоро ќе им се придружат уште.
„Градиме Европска унија на безбедноста и одбраната. Ова веќе не е план, ова веќе не е сон, ова е реалност која се остварува“, рече Могерини.
Таа потсети дека пред десет дена добила спогодба за новиот одбранбен сојуз (PESCO) во рамки на ЕУ кој подразбира финансирање и развој на заедничка воена опрема, која до сега ја потпишале 23 земји членки.
„Сонот на нашите татковци и мајки конечно се остварува. По повеќе од 60 години, тука конечно се темелите за изградба на безбедносна Унија. Сега можеме да проектираме и развиваме свои безбедносни можности заедно, можеме да купуваме заедно за да обезбедиме поефикасна потрошувачка на се што ни е потребно“, вели Могерини.
"We're building #EUDefence. It's not a plan anymore. It's not a dream anymore. It's reality coming true" @FedericaMog #EDAConf2017 #PESCO pic.twitter.com/LjRkGWOdDt
— European External Action Service – EEAS 🇪🇺 (@eu_eeas) November 23, 2017
Шефицата на европската дипломатија рече дека Европа сега „ќе може да делува заедно многу подобро отколку порано“.
„Ќе можеме да одговараме на криза или да ги спречуваме, ќе можеме да ги зајакнеме сојузниците, да ги направиме граѓаните побезбедни. Градиме безбедна Европа на континентално ниво на неверојатно инклузивен начин“, вели таа.
Како што вели, тоа не беше замисливо пред 60 години, но ни пред шест месеци.
„Како што зборуваше Нелсон Мандела, секогаш е невозможно додека тоа не го направиш“. Ние тоа го направивме. Го направивме затоа што денешните предизвици се преголеми за која и да е членка поединечно и ние сме свесни за тоа. Денес сите тоа го разбираме и нашите граѓани бараат поголема безбедност и поефикасен буџет и разбираме дека сето тоа е можно ако ги обединиме силите користејќи го полниот потенцијал на Европската унија“, вели таа.
За потсетување, за „европската војска“ се зборува веќе неколку години, а шефот на ЕК Жан Клод-Јункер пред една година рече дека создавањето на европска армија е неизбежно, затоа што „малку е веројатно дека САД во иднина ќе се грижат за безбедноста на Европа“.
Под прашалник е и односот на САД кон НАТО, па многумина гледаат на европската армија како на нешто што на континентот ќе го замени НАТО.
PESKO (Спогодба за постојана структурална соработка) го промовираат Германија и Франција.