Лидерот на германската Социјалдемократска партија (СПД) Мартин Шулц, денеска информираше дека ќе учествува на средбата која ја закажа претседателот Франк Валтер Штајнмаер, на која двете најголеми партии ќе разговараат за можно формирање на нова широка коалиција.
Иако по тешкиот изборен пораз Шулц изјави дека СПД ќе оди во опозиција и нема да прави уште една, трета широка коалиција со Меркел, по неуспехот на Меркел да формира коалиција со либерал-демократската партија ФДП и со Зелените, опцијата за широка коалиција повторно се најде во преден план.
Средбата што ја свика Штајнмаер треба да се одржи следната недела и на неа ќе учествуваат Шулц, Меркел како лидер на конзервативната партија ЦДУ и Хорст Зехофер, лидер на баварската конзервативна партија ЦСУ која е сестринска партија на ЦДУ. Штајнмаер, кој беше висок претставник на социјалдемократите пред да биде избран за претседател, ги повика партиите да покажат одговорност за излез од политичката криза.
Во коментар на социјалната мрежа Твитер, Шулц напиша дека конечниот збор сепак ќе го имаат членовите на неговата партија на кои ќе им се даде можност да гласаат дали сакаат да се формира уште една широка коалиција.
– Претседателот упати драматичен апел до партиите да седнеме на разговори. Ние нема да го одбиеме повикот, напиша Шулц.
Ангела Меркел формираше три влади од 2005 година, а во два мандата владееше во широка коалиција со СПД. На септемвриските избори СПД претрпе убедлив пораз, но и Меркел загуби гласови кои се одлејаа на контото на националистичката партија АфД, по што се најде во тешка положба да мора да формира коалиција со помали партнери. Разговорите со ФДП и Зелените за таканаречена Јамајка коалиција пропаднаа откако ФДП реши дека не може да учествува во владата.
Претседателот Штајнмаер има можност да распише и предвремени избори, доколку се покаже дека Меркел не е во состојба да формира влада, а политичките експерти се поделени по прашањето дали на овие избори гласачите ќе и дадат посериозен мандат на Меркел, или пак ќе продолжи растот на АфД и со тоа дополнително ќе се искомплицира формирањето на идната влада. Се разгледува и можноста ЦДУ и Зелените да формираат малцинска влада која би барала поддршка од пратениците на ФДП или на СПД.