Срѓан Петрушевски, уредник на Радио Браво, Куманово, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, изјави дека слободата на медиумите многу зависи од финансиската состојба на истите.

На прашањето што е слобода на изразувањето, медиумски слободи и активизам, тој вели дека треба да подразбира информирање без никаков притисок за да можат граѓаните да согледаат состојбата во општеството реално.
„Слободата на изразување подразбира отсуство на страв кај граѓаните јавно да го изразат своето мислење, а за тоа да не трпат никакви последици. Со оглед на финансиската состојба на државата обично последиците се по работното место“, вели Петрушевски.
Според него, треба да нема никаква обврска кон политичките партии ниту во изборниот ниту во предизборниот период. „Дури и по цена на финансиите сакаме да си останеме сами на своето“.
Вели дека во радиото немале никаков притисок.
„Со оглед дека сме на работ на финансиско опстојување, знаеме дека ако имаме врски со политички партии кои се на власт, финансиски многу добро ќе поминеме, но последиците по самото радио, по угледот на радиото ќе бидат големи“, додава Петрушевски.
„Мислам дека медиумите чувствуваат притисок поради лошата финансиска состојба. Кога би се решиле финансиите мислам дека тогаш медиумите би биле слободни. Кога финансиски би биле појаки, да можеме да земаме нормална плата, да имаме повеќе вработени, побогата и поквалитетна програма, верувајте дека притисок ќе немаме“, завршува тој.