На денешен ден 9 декември

од Vladimir Zorba
162 прегледи

  

1594.- Роден е шведскиот крал Густав Втори Адолф, голем војсководец и воен реформатор. Неговата армија во Триесетгодишната војна им нанесла многу порази на римокатоличките сили на германскиот цар Фердинанд Втори Хабзбург. Во војната против Русија ја поставил границата на Ладошко Езеро, а полската армија ја победил во 1613, 1617 и во 1629 година со што и овозможил доминација на Шведска на Балтикот. Загинал во ноември 1632 година во битката кај Лицен, во која неговата војска ја победила армијата на германскиот генерал Алберт фон Валенштајн.

1608.- Во Лондон е роден Џон Милтон, англиски поет, еден од најзначајните поети во светската литература, а според некои, најголем по Шекспир. Негови познати дела се „Загубениот рај“, „Вратениот рај“, „Химна на Христовото раѓање“ и други. Умрел во Лондон, на 8 ноември 1674 година.

1641.- Умрел фламанскиот сликар Антон Ван Дајк, истакнат претставник на фламанската сликарска школа, врз кого силно влијаел Паул Рубенс, во чие атеље во младоста работел. Творел во Италија и Франција, а во Лондон дошол во 1632 година и станал дворски сликар на кралот Чарлс Први и портретист на високото англиско општество.

1824.- Легендарниот латинско-американски водач Симон Боливар во историската битка кај Ајакучо, во Перу ја поразил шпанската војска.

1905.- Во Франција со декрет било извршено одвојувањето на државата и црквата.

1910.- Во Виена умрел Лаза Костиќ, српски писател и преведувач, родоначалник на српската авангардна лирика. Освен лирски песни и балади, пишуваше поетски трагедии („Максим Црноевиќ“, „Пера Сегединац“), раскази и есеи. Роден е во Ковиљ, Бачка на 31 јануари 1841 година.

1916.- Роден е американскиот филмски актер од руско потекло Ишур Данијелович, познат како Кирк Даглас, кој се прославил во улогите на нервозни, амбициозни и груби типови. Филмови: „Момчето со трубата“, „Спартак“, „Шампион“, „Градот на илузиите“, „Жед за животот“, „Детективска приказна“.

1926.- Роден е шпанскиот борец со бикови Луис Мигел Лукас „Домингин“, веројатно најдобриот светски борец со бикови во 20. век. Неговите вештини го инспирирале американскиот писател Ернест Хемингвеј.

1929.- Роден е американскиот филмски режисер и актер Џон Касаветес, водечки претставник на „њујоршката школа“, независна продукција, која критички се  спротивставила на холивудските стандарди. Филмови: „Злосторство на улиците“, „Убијци“, „Дванаесетмината жигосани“, „Зошто ме осудивте на живот“, „Сенки“, „Премногу доцни блузот“, „Лица“, „Мини и Москович“, „Жена под влијание“, „Глорија“.

1943. Кај селото Бараково, Горноџумајско, во борбата против полициска заседа загинал македонскиот револуционер, Никола Парапунов. Роден бил во Разлог, на 1 јули 1909 година.

1961. Тангањика, бившата британска колонија, станала независна држава во рамките на Комонвелтот, а од 9 декември 1962 година станала република. Две години подоцна, на 26 април 1964 година со обединувањето на Тангањика и на Занзибар настанала Обединета Република Танзанија.

1985.- Генералното собрание на Обединетите нации едногласно ја прифатило резолуцијата со која сите акти на тероризам биле осудени како криминал.

1990.- Во Полска на првите слободни избори за претседател бил избран Лех Валенса, поранешниот водач на синдикатот „Солидарност“.

1994.- Партијата „Шин фејн“, политичко крило на терористичката Ирска републиканска армија, првпат по повеќе од 70 години ги почнала мировните разговори со британската влада.

1995.- Врховниот суд на Полска ја потврдил победата на Александар Квашњевски на ноемвриските претседателски избори, одбивајќи ја жалбата на приврзаниците на неговиот поразен ривал Лех Валенса.

1996.- Обединетите нации ја одобриле примената на долгоодложуваниот договор за Ирак за продажба на ограничени количини на нафта за храна, со што Ирак се вратил на светскиот пазар на нафта првпат од инвазијата на Кувајт во 1990 година.

1997.- Во Брисел, генералните директори на царинските служби на Белгија и Македонија, Илија Илоски и Ван Валегем, парафирале Спогодба за царинска соработка.

2001.- На 71 година во градот Бризбејн, Австралија, починал македонскиот диригент Ванчо Чавдарски. Тој бил и директор на Македонската филхармонија и многу придонесол за растежот на тој ансамбл, за основањето на Камерниот оркестар на таа институција, како и за афирмацијата на македонското музичко творештво. Работел и како шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Радиотелевизија Белград. Во последните години од животот Чавдарски работел во Јужна Кореја како диригент и универзитетски професор.

2005.- Еден од главните симобли и атракции на Лондон – црвениот двокатен автобус „рутмастер“, со платформа за стоење и кондуктер, попознат како „dabldeker“, тргнал од станицата „Marbl Arcc“ на своето последно возење на редовната линија број 159 и станал минато.

2006.- Во пожар во диспанзер за одвикнување од наркоманија во јужниот дел на Москва загинале 43 пациентки и две медицински сестри. По бројот на жртвите овој е најтрагичниот пожар во главниот град на Русија во текот на претходните три децении. Пожарите, заедно со сообраќајните несреќи, се на прво место во Русија како причина за загинување. Спасувачките екипи успеале од осумкатницата да евакуираат 214 луѓе.

MIA