Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес конференција предупредија дека американското признавање на Ерусалим како престолнина на Израел може да ја зголеми напнатоста во регионот.

„Русија и Турција веруваат дека таа одлука не помага во стабилизацијата на состојбата на Блискиот исток, туку ја дестабилизира ситуацијата која што секако е сложена“, изјави Владимир Путин за време на состанокот со својот турки колега во Анкара.
Од друга страна, Ердоган оцени дека „Израел долева бензин на огнот“ затоа што според него „Израел во тој процес гледа шанса за јакнење на притисокот и насилството врз Палестинците“.
Иако до неодамна разменуваа жестоки обвинувања, а Путин го обвинуваше Ердоган дури и за соработка со Исламската држава, очигледно е дека двајцата државници се имаат помирено, а Путин ги заборавил многубројните обвинувања кои што ги упати до својот турски колега.
За време на посетата на Египет, Путин повика на продолжување на израелско-палестинските преговори за сите спорни точки, вклучувајќи го и статусот на Ерусалим. Претходно, Ердоган порача дека САД со признавањето на Ерусалим за главен град на Израел, станува соучесник во крвопролевањата на окупираните палестински територии.
Ердоган повторно предупреди на израелските потези кон Палестинците во Ерусалим и го обвини Израел дека светиот град го претвориле во затвор за муслиманите и другите верници.
„Никогаш нема да можат да ја исперат крвта од своите раце. Борбата нема да сопре се додека не биде создадена независна палестинска држава во границите од 1967-ма година и источен Ерусалим како престолнина на таа држава“, изјави Реџеп Таип Ердоган.