Цаца-Николовска: Советот за реформи во правосудството функционира

од desk2
99 прегледи

Во групата во Советот за реформи во правосудството во која се работи на Законот за судски совет и Законот за судови, а каде што членувам и јас, постојано сме во заседание, комуницираме, се работи и споделуваме искуства. Се работи на одредени членови на законите во зависност од Планот 3-6-9, и не оди лесно, изјави денеска поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.

Според неа, во Советот има проблеми кои се обидуваат да ги детектираат и да ги расчистат колку што може, се со цел ефективно како Совет да придонесат во промената на легислативата.

Посочи дека се појавил проблем околу формирање на комисијата, која ќе работи на повторување на постапките.

– Имам впечаток дека целокупната јавност малку повеќе зборува за групата за повторување на кривичните постапки. Јас со тоа не би се согласила. Има многу проблеми и во граѓанското право, можеби има проблеми и во делот на управната постапка, каде што одредени претходни ситуации се наследени, рече судијата Цаца Николовска.

Посочи дека прашањето на отсуство на фер судење е предмет на големи жалби и поплаки и додаде дека тоа треба многу сериозно да се разгледа и да се пристапи кон разрешување на овие проблеми.

– Во прашање е пристапот каде и на некој начин може да се утврди дека отсуствуваат стандардите на фер судска постапка, дали тоа ќе оди преку одредено повторување на постапка, дали преку друг начин на детектирање на тие состојби, па овозможување на повторно постапување е предмет на дисусија. Сите заинтересирани се на линија тоа правилно да се реши, додаде таа.

Според Цаца Николовска, во моменталната ситуација кога има отсуство на дел од опозицијата во законодавниот дом многу тешко ќе оди носењето нови закони и на се она што претставува можност за одење напред.

– Но тоа е политичка димензија и секој треба да сноси одговорност. Крајно време е да мислат и на државата и на граѓаните. Еден е политичкиот пристап, а друг е оној пристап каде навистина граѓаните се засегнати, изјави Цаца Николовска пред промоцијата на правната анализа „Спроведување на одлуките на ЕСЧП во периодот 2013-2016“./MIA