Општина Чаир побара нови 2 милиони евра за работите на плоштадот Скендербег во Скопје потврди денеска министерот за локална самоуправа, информира АлсатМ.
Тој рече дека овој износ е предвиден во буџетот на министерството за 2018 година ,а средствата се побарани за дополнителните трошоци кои се појавиле во текот на работењето.
„Ова година Oпштина Чаир побара износ од 125 милиони денари за да се заврши проектот за трошоци кои тие ги сметаат за непредвидени. Владата одлучи овој износ да го програмира со буџетот за 2018 година“, изјави Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа.
И додека се чека милионите да легнат на сметката на Oпштина Чаир, на плоштадот Скендербег, веќе почнаа да се забележуваат првите оштетувања.
Од Oпштина Чаир се правдаат и велат дека одобрените средства од владата за плоштадот Скендербег, се однесуваат за спроведување на определени одреби во договорот за изградба на втората фаза, каде се вели дека исплатата за работите реализирани во 2017 ќе се направи во 2018 година.
“Вкупниот износ на одобрените средства од 125 милиони денари е износ со кои се опфатени плаќања на три категории: исплата на реализирани работи кои не се платени досега, исплата за дополнителната работа и исплата за непредвидена работа во текот на изградбата на втората фаза на плоштадот Скендербег, така како што е предвидено со договорот“, велат од Општина Чаир
Плоштадот Скендербег беше предвидено да се гради во три фази со вкупни средства од 10 милиони евра. Првата фаза заврши во 2013 година, а втората во ноември оваа година кога беше изградена тераса во форма на надвозник до споменикот на Скендербег со кое се покрива дел од булеварот Гоце Делчев.
Третата фаза на проектот за која се уште не почнале работите, предвидува да се изгради подземен паркинг, но се уште не се знае износот кој ќе се бара за комплетирање на целиот проект.