Научниците со векови знаат дека сончогледите го следат Сонцето, вртејќи ги своите цветови од исток кон запад како што поминува денот, но до сега не знаеле зошто тоа е така.

Американско истражување покажа дека движењето на сончогледите по Сонцето го предизвикува нивниот внатрешен биолошки часовник, а тие промени на позицијата на растението го прават попривлечно за пчелите.
Од 1898 година научниците ги набљудуваат сончогледите на почетокот на денот како се свртени кон исток, за како што поминува денот да се свртат кон запад. Во текот на ноќта повторно се враќаат на исток. Никој до сега не успеал да сфати што го предизвикува тоа.
За да сфатат како биолошкиот часовник ги тера да се вртат, американските биолози направиле експерименти.
Прво сончогледите ги врзале да не можат да се вртат, а потоа ставиле садови кои на почетокот на денот биле свртени кон запад, спротивно од сигналот кој вообичаено го добиваат од Сонцето. Со тоа успеале да го нарушат ритамот.
Потоа ги поставиле во лабораторија каде ги изложиле на фиксирано вештачко светло, па сончогледите неколку дена се нишале само напред назад.
На крај направиле вештачката светлина да се движи од исток кон запад, а сончогледите се приспособиле со неа, во ритам од 24 часа, но кога го промениле ритамот на 30 часа не го следеле светлото.
Тоа довело до заклучок дека нивното движење има врска со 24-часовен ритам.
Но, што всушност ги тера да се вртат. Научниците утврдиле дека едната страна на растението расте побрзо од другата а тоа предизвикува цветот да се врти.
Таков тип на раст е поинаков од редовниот раст на сончогледот и се јавува на дневна основа односно во ритам од 24 часа. Се покажало дека тој ритам е многу важен, затоа што во текот на експериментот билките свртени спротивно од сонцето имале 10 отсто помалку листови.
Исто така, сончогледите свртени наутро кон исток привлекле пет пати повеќе пчели од оние вештачки свртени кон запад.