Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ неодамна на Отворените денови го промовираше Хрватско-македонскиот речник, кој пред две години излезе во Загреб во издание на Матицата на Македонците во Хрватска. Со овој обемен лексикографски труд (со 30 447 зборови на 1246 страници) се исполнува празнина во културните врски меѓу Македонија и Хрватска.
А токму со таа земја се поврзани два значајни настана во историјата на македонската литература – во Загреб во 1861 година е објавен Зборникот на Миладиновци, а во Самобор во 1939 година – стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин.
Авторки на Речникот се Дијана Влатковиќ и д-р Борјана Прошев-Оливер од Хрватска. Рецензент на колоната со хрватски зборови и толкувања е проф. д-р Марко Самарџија, а на колоната со македонски зборови и толкувања рецензентки се проф. д-р Лидија Тантуровска и проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик. Изработката почнала во 2009 и траела шест години.
Ова е прв хрватско-македонски речник по повеќе од век и половина. Според истражувањата, вели рецензентката проф. д-р Тантуровска, првиот хрватско-македонски речник е подготвен од Константин Миладинов и објавен во Загреб како прилог на Зборникот.
– Сметам дека е тоа првиот хрватско-македонски речник. Од тогаш се поминати 154 години (до објавувањето до 2015 година, до кога излезе од печат Хрватско-македонскиот речник), а попатно е излезен мал хрватско-македонски и македонско-хрватски речник од проф. Борислав Павловски и проф. д-р Драги Стефанија, рече Тантуровска.
Двојазичен речник со квалитет на толковен
Речникот е наменет за македонското малцинство во Република Хрватска, но, според авторките, тој не само што е користен од учениците што имаат дополнителна настава по македонски јазик во Хрватска и од студентите кроатисти и слависти во Хрватска и во Македонија, туку и од преведувачите, бидејќи опфаќа не само фонд на општо употребувани зборови, туку значителен фонд на терминолошки лексеми.
Авторките Влатковиќ и д-р Прошев-Оливер за секој збор на хрватски навеле повеќе значења и сите зборови се збогатени со примери. Во тоа, според Тантуровска, е квалитетот на Речникот.
– Според концепцијата и методологијата на авторките Речникот ги надминува рамките на обичен двојазичен речник и затоа, слободно може да се допише во неговиот наслов и зборот: толковен. Тоа подразбира дека за секој заглавен хрватски збор има повеќе значења и за секое има толкување на хрватски, а потоа таа лексема (со сите значења) има соодветен превод на македонски јазик и има македонско толкување. Затоа го сметаме за толковен, а не за обичен речник, вели д-р Тантуровска, научен советник во Институтот за македонски јазик.
По промоцијата во Загреб, Речникот имал убав одек во хрватската јавност, а веќе има идеја од авторките за препечатување на ова издание. Да се прочисти и дополни со она што недостасува во првото издание, зашто се поминати две години, а јазикот е жива материја. Се планира да се направи и македонско-хрватски речник што е, исто така, макотрпен процес. Тоа не би било само обично, автоматско префрлање на колоните, затоа што секој јазик е различен во општествено-културен контекст.
– Се случува некоја лексема да нема свој соодветник во колоната на другиот јазик. На пример, во хрватскиот има зборови од, условно кажано, приморска терминологија, кои ги нема во македонскиот јазик, или ги има во ограничена употреба. Тоа е врзано, меѓу другото, и со културологијата и тие се културолошки лексеми, кои се специфични за еден јазик. Тоа е позната појава во лексикологијата и лексикографијата. На пример во Исланд има зборови за петнаесет нијанси на бело, за разлика од кај нас, каде што сите би се превеле со: бело, рече Тантуровска.
Хрватскиот јазичен пуризам и македонската јазична „дембелаана“
За хрватскиот јазик е карактеристично преведувањето на странските зборови односно наоѓање нивна замена. Во Хрватска годишно се распишува и конкурс за предлагање нови зборови, кој го организира специјализирано списание под покровителство на издавачка куќа, и е отворен за целата јавност. Се прифаќаат три предлози, кои се наградуваат, а одѕивот е голем. Интересно е што голем број од предлозите успеваат да се пробијат во јазичната практика. Пример е зборот „zaslon“ наместо екран, или „dodirnik“ кој значи екран на допир (популарно кај нас: тачскрин). На последниот конкурс беа наградени: „istovrijednik“ како замена на зборот еквивалент, „podzemnica“ наместо метро и „zaslonik“ наместо таблет.
Проф. Тантуровска објаснува дека таа појава е позната како пуризам во еден јазик и дека хрватскиот е школски пример за тоа. Сите словенски јазици и јазиците на Балканот го имаат истиот проблем со навлегувањето на интернационализимите, особено на англизмите, а изборот дали ќе се заменуваат со домашни или нема да се заменуваат, е избор на јазичната политика на самата земја.
– Хрватите прават преводи и се обидуваат да преведат сè. Хрватскиот јазик уште во рамки на југословенската заедница си ја водеше таа јазична политика на пуризам што, се разбира, е нивни избор. Јазичната политика за македонскиот јазик тогаш беше дека не треба да се преведува сè, по секоја цена. Од друга страна, пак, не треба да примаме буквално сè што влегува, како што имаше кажано Блаже Конески – „кај нас не треба да владее јазична дембелаана“ и без да се размислува да се вклучува сè во македонскиот јазичен систем. Ние одиме по една многу тенка линија што е многу тешко да се одржи – да не се преведува, а од друга страна, да не се внесува непрочистено и без јазичен филтер во јазикот, истакнува проф. Тантуровска.
Може ли да успеат преведени интернационализми?
Не е можно сите зборови да се преведуваат и прашање е дали и тие што ќе се преведат ќе имаат општа употреба. Според д-р Тантуровска, многу е важно кога влегува предметот, односно поимот, заедно со него да влезе и преводот. Но, од друга страна, тоа е многу голема и сложена работа.
– Вие можеби ќе го внесете зборот, но што се случува потоа. Од една страна се тие што се занимаваат со јазик, но од друга страна се специјалистите од соодветната област, на пример информатичарите. Тие користат англиска литература и имаат професионален фонд на зборови од англискиот јазик со кои им е полесно да комуницираат, а имате и широка маса, која треба да го употребува тој збор. Може да имате јака јазична политика, солидни експерти од јазик и пак не знаеете што ќе добиете како повратен одговор од употребата, затоа што не знаете дали ќе заживее. За да го постигнете сето тоа, вие треба автоматски и истовремено да го пласирате тоа, но и покрај тоа повторно може да имате проблем. Затоа, јазичната политика што многу често ја водат многу други земји и која е можеби безболно решение е да ги има двата термина, оригиналот и преведено/адаптирано на соодветниот јазик, додава д-р Тантуровска.
Смета дека е корисно да постои некој медиум односно врска меѓу стручните лица по јазик и јавноста, како што беше своевремено „Јазичното катче“ на Благоја Корубин во весникот „Нова Македонија“. На тој начин би имало повеќе наоѓања на добри решенија што би влегле во фондот на македонскиот јазик – би се добивале мислења од јавноста и прашања за нови зборови. Во минатото, вели таа, имало примери на зборови што биле дадени во јавноста и заживеале, како на пример зборот „вработува“, и тоа во периодот кога било силно влијанието од (тогаш) српскохрватскиот јазик и кога бил во широка употреба зборот „запослува“.
Но, вистинската борба на македонистите е со една друга појава – одењето во спротивна насока и заменувањето на зборовите што веќе ги имаме со странски зборови: „имплементира“ наместо спроведува/применува; „аплицира“ наместо пријавува или конкурира; „стартува“ наместо почнува; „апелира“ наместо повикува; „интенција“ наместо намера; потоа: (ис)принта, флаери, сонгови, ивенти…
– Не само што сме ја прифатиле таа, условно кажано, јазична „дембелаана“ да не поминуваат зборовите низ филтер, туку ги забораваме и нашите зборови со словенски корени, кои веќе сме ги имале. Се мисли дека ако кажете некој интернационализам или англизам, вие сте интелектуалец. Напротив, сметам дека успешноста е да најдете соодветен збор во определена сфера. Убаво би било интелектуалците да се обидуваат да го филтрираат секој збор, а внимателни треба да бидат особено новинарите, зашто медиумите влегуваат во секој дом, вели д-р Лидија Тантуровска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Хатка Смаиловиќ