Ректорат, Лисиче и Тетово алармантно загадени, интервентните мерки стапуваат на сила

од desk2
84 прегледи

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеролошки работи, прагот на алармирање за PM10 (надминување на вредноста од 200 μg/m3 во текот на два последователни денови), е надминат во Скопје на мерните места Ректорат и Лисиче и во Тетово, соопшти Министерството за животна средина.

 

МЖСПП информира дека ја доставила иформацијата за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје, Град Скопје и Единиците за локална самоуправа каде има епизода на алармантно загадување на воздухот.

Согласно заклучоците од Нацрт – записникот од 40-та седница на Владата , стапуваат на сила следните препораки и мерки: Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да:

– препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

– препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.

– препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

– обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата на Република Македонија:

– да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.

– да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти

– Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

– Министерството за здравство да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

– Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

– Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

– ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.