Експресни разводи во Грција

од Vladimir Zorba
98 прегледи

   Во Грција стапи на сила нов закон според кој се дозволува двојките да се разведат само кај нотар, со што не важи веќе стариот судски начин за прекин на брачната заедница.

Весникот „Та неа“ пишува дека законот стапил на сила за Божиќните празници и сега, доколку постои заедничка согласност од двојката, разводот ќе го врши нотар и нема да биде потребно да се чека со месеци во првостепениот суд.

Се наведува дека разводот ќе се врши за многу кратко време, од само неколку часа, а се дава можност двојките воопшто да не присуствуваат кај нотарот, туку треба само да ги овластат своите адвокати.

Одлуката за раскинување црковен брак, пак, треба да ја објави обвинител од првостепен суд, но по претходно нотарско заверено барање од заинтересираните лица.

Во законот се предвидува и затвор од шест месеци до една година за секоја од страните која го нарушила договорот, во кој се формулирани и условите за одгледување на малолетни деца.