Копилотот од хеликоптерот со кој осум турски војници, еден ден по неуспешниот обид за пуч во Турција, слетаа во грчкиот град Александруполи, доби азил во Грција, а грчката Влада бара поништување на одлуката.
Неколку часа откако во грчките медиуми се обелодени веста дека војникот добил позитивен одговор на неговото барање, од прес центарот на грчкиот премиер Алексис Ципрас, како што јавува дописникот на МИА од Атина, со кусо соопштение известија дека поднеле барање за поништување на одлуката на независната второстепена комисија за азил.
– Следејќи ја цврстата позиција во врска со осумтемина турски војници, како што постојано и јавно беше изразено, денеска од страна на грчката Влада беше доставено барање за поништување на вчерашната одлука за давање азил од второстепената комисија за бегалци, соопштуваат од прес-центарот на Ципрас.
Меѓународните договори за почитување на човековите права и сомнежот дека во неговата земја нема да има фер судење, биле главните причини, третата независна второстепена комисија за азил во Грција да одговори позитивно на барањето за азил на турскиот војник.
– Според одлуката, не постои никаков податок што покажува дека војникот учествувал во пучот, а паралелно во Турција се гони за политички криминал. Поради овие причини не е можно негово екстрадирање во соседната земја, бидејќи е сигурно дека нема да има фер судење, објави грчката телевизија „Скај“.
– Едногласно беше одлучено дека согласно Амнести интернешнал, со меѓународните договори, Европскиот совет и други меѓународни организации, ситуацијата во Анкара е неприфатлива во однос на човековите права по неуспешниот обид за пуч, минатиот јули, пишува онлајн изданието на весникот „Прото тема“.
Според дел од медиумите во Грција, турскиот војник е пуштен на слобода и со солзи во очите ја напуштил полициската станица во олимпиското село во близина на Атина, каде што беше пренесен заедно со неговите колеги откако започна процесот по барањето на Турција за екстрадиција на војниците. Останатите седуммина кои исто така побараа азил во Грција, се во исчекување на одлуката на надлежната комисија за разгледување на нивните барања.
Врховниот суд во Атина, на 26 јануари годинава одлучи осумтемина турски војници да не бидат екстрадирани во Турција.
Кусо по соопштувањето на позитивниот одговор до турскиот војник, грчките медиуми, во првичните анализи, коментираат дека оваа одлука може да создаде сериозни проблеми во односите на Грција со Турција. За Анкара е од особена важност осумтемина војници да бидат вратени во нивната земја.
При неодамнешната официјална посета на Атина, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара од грчките власти да се екстрадираат војниците. На средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас објасни дека Турција е земја која ја укина смртната казна и не е земја на тортура.