Во политичката историја на Македонија 2017 година ќе останe запаметена по повеќе настани што не биле случај никогаш. По предвремените избори што се одржаа на 11 декември 2016 година, Македонија дури на 1 јуни 2017 година доби нова влада, а претседател на Собранието на 27 април – ден кој ќе се запамети како најлош за македонската демократија.
Наместо на 16 февруари, како што се предвидуваше според законските рокови, македонската влада беше избрана пет и пол месеци по предвремените парламентарни избори. По долгата политичка криза во земјата овие декемвриски избори, преговорите за формирање влада и на крај инцидентот од 27 април ќе останат запаметени и по тоа што донесоа целосен политички пресврт во земјата, и нови поместувања воопшто на политички план, но и во партиските редови и во македонскиот и во албанскиот блок партии.
ДУИ – главен „играч“ во преговорите за фомирање Влада
На предвремените избори најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, потоа коалицијата на СДСМ 49, ДУИ 10, Беса 5, Алијанса на Албанците три и ДПА два. Но, главен играч во преговорите за формирање влада беше партијата која долги години е во власта во Македонија и која исто така изгуби дел од своите гласачи. Демократската унија за интеграција (ДУИ) само со десет пратенички места беше главен преговарач за формирање влада најпрво со ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со СДСМ, со која на крајот од петмесечните игри, инциденти и преговори скрои влада. Во оваа Влада влезе и Алијансата на Албанците со само тројца пратеници, но таа остана да биде еден од главните критичари на ДУИ.
Никола Груевски, беше премиер во владите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 26 август 2006 година до 18 јануари 2016 година. По пржинскиот договор технички премиер беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата и нејзините коалициски партнери, иако со помала поддршка од претходно, на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година освоија 51 пратенички мандат, што на Груевски му овозможи да стане мандатар за формирање на новата влада. Ставовите од политичките партии изнесени за време на изборната кампања во која една од главните теми беше Платформата на албанските партии или т.н. Тиранска платформа, ги навести можните комбинаторики и промена на поддршката особено од партнерите од албанскиот блок.
Груевски го доби мандатот за формирање Влада од претседателот Ѓорге Иванов.
-Ќе пристапиме веднаш кон преговори за формирање влада и конечно да заврши кризата, бидејќи на народот му е преку глава од кризата, изјави Груевски во Скопје по објавата на првичните резултати од ДИК.
Тогаш Груевски кажа дека нивниот фокус ќе биде намалување на јазот меѓу граѓаните.
Но, преговорите со долгогодишниот партнер во власта ДУИ, кој беше разочаран од освојувањето на само десет пратенички места, не минаа онака како што се надеваше ВМРО-ДПМНЕ, особено членството на партијата.
ДУИ и покрај тоа што изгуби дел од членството и мандатите за сметка на новaтa „политичкa реалност на политичката сцена“ – Беса (пет мандати), остана главен, некои би рекле, условувач за составување влада. Албанските партии и по изборите останаа на заложбите за нивната плаформа, така што тие беа дел од точките за преговори за формирање влада. Главно прашање беше унапредување на употребата на албанскиот јазик. Овие барања од Платформата, како што рече лидерот на ДУИ Али Ахмети во изјава дадена по изборите, не претставуваа „црвена линија, ниту пак, неговата содржина се услови за разговори за формирање на новата влада“ туку станува збор за „основни начела и реални потреби на Албанците во Македонија“.
По завршувањето на изборите, најнапред на крајот на декември 2016 година беше конституиран новиот состав на Парламентот, а со седницата претседаваше поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.
Според медиумските извештаи, разговорите за формирање нова Влада меѓу Груевски и Ахмети почнаа на 19 јануари оваа година, а веќе на почетокот на февруари преговорите со Груевски завршија неуспешно. Ахмети кажа дека преговара и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Според лидерот на ДУИ, причина за неуспешните преговори бил ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Специјалното јавно обвинителство, додека ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдеше дека 95 отсто од времето за разговори било посветено на дебата околу барањето на ДУИ за воведување двојазичност, каде биле и главните разлики.
Претседателот Ѓорге Иванов кој требаше да го додели сега мандатот на Зоран Заев, лидер на опозицијата, која освои 49 мандати, побара од него гаранции „за зајакнување на унитарноста на државата и дека се ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“.
Крвав инцидент во Парламентот пред изборот на Владата
Во меѓувреме во Скопје и во други градови во земјата се одржуваа двомесечни протести на поголема група граѓани предводена од граѓанската организација „За заедничка Македонија“ против изборот на Албанец за претседател на Собранието и барањата од т.н. Тиранска платформа.
Дебатата за избор на членови на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата се одолжуваше од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и изборот на спикер на Парламентот.
Претседателот на СДСМ и следен мандатар за составување нова Влада Зоран Заев повеќе пати навестуваше дека во Собранието ќе биде направен обид да се избере негов претседател.
На 27 април продолжи дебатата за избор на членови на Комисијата, и веднаш по завршување на продолжението пратениците од коалицијата предводена од СДСМ и ДУИ за претседател на Собранието го избраа Талат Џафери, во процедура надвор од Деловникот на Собранието, но со цел да се одблокираат процесите во земјата и што поскоро да се избере нова Влада. Лицата кои беа собрани пред Собранието со помош на пратеници насила влегоа во зградата на Парламентот. Дел од нив стасаа до прес-центарот каде што прес-конференција одржуваа тогаш пратеникот и мандатар Зоран Заев и избраниот спикер Талат Џафери. Дел од лицата, кои беа маскирани, насилно влегоа таму и физички ги нападнаа пратениците и новинарите.

По овој инцидент беше потребно време за смирување на состојбата и изнаоѓање начин за продолжување на процесите, како за избор на влада така и за градење на доверба. Сите страни повикуваа на брзо расветлување на инцидентот во кој учествуваа и пратеници.
Дваесет дена по иницидентот Иванов го врачи мандатот на Заев
По приближно три недели од инцидентот откако претходно ги доби гаранциите, Иванов на 17 мај му го врачи мандатот на Заев. Дотогаш опозицискиот лидер имаше проблем со составување стабилно мнозинство само со ДУИ така што во коалицијата беше повикана и Алијансата на Албанците со нејзините тројца пратеници.
Заев остана на тврдењата дека СДСМ ги прифатила истите барања од ДУИ како и ВМРО-ДПМНЕ, а остана и поддршката за Специјалното јавното обвинитество. Програмата на Владата беше промовирана и јавна многу време пред официјалниот нејзин избор.
Новата реформска Влада беше избрана на 31 мај 2017 со 62 гласа „за“, 44 „против“ и петмина „воздржани“. По десет години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите се вратија на власт во Македонија. 
Сепак, оваа коалициска Влада не успеа да го дочека крајот на годината. Еден од пратениците во Парламентот ја напушти АА, а политичкиот јаз меѓу оваа партија и ДУИ од јуни до декември постојано се зголемуваше. Резултира со напуштање на Владата на АА. Така, 2018 година Македонија ќе ја дочека со Влада составена од СДСМ и ДУИ, и нестабилно мнозинство во Парламентот, иако повремено ја имаат поддршката од пратениците на ДПА, и од Чедомир Саздовски и Амди Бајрам, кои претходно беа дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Месец и половина од избори до составување влада
Македонските влади досега во просек биле формирани по месец и половина од одржаните парламентарни избори. Така на пример во 2002, година по воениот конфликт кога првпат на избори се појави ДУИ, парламентарните избори се одржаа на 15 септември, а владата на чело со тогашниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски е формирана на 1 ноември.
Никола Груевски првпат на чело на македонската Влада дојде на 26 август 2006 година, а нејзин коалициски партнер исто така беше ДУИ. Изборите во 2006 година беа на 5 јули, а владата беше избрана на 26 август.
Елизабета Велјановска Најдеска