Христос се роди, Навистина се роди!- Вака православните христијани денеска се поздравуваат на големиот празник кога се слави Христовото раѓање.

Со Бадникова посна вечера синоќа верниците го најавија празникот кој упатува пораки за мир на земјата.
Со песна и радост во душите граѓаните ги посетуваа храмовите.
Ниеден празник не содржи повеќе народни обичаи кои се одржаа до денес како Божиќ. На посна вечера денот пред пред Божиќ – Бадник се меси лепче со паричка, која се верува дека на тој што ќе му падне ќе му носи среќа цел живот.
На Бадник и Божиќ се изведуваат и повеќе други обичаи, како што се сечењето и горењето на дрвото “Бадник” коледарските огнови и многуте песни што се пеат крај нив.
Децата утрото на Бадник ги посетуваат куќите каде што пеат песни, го најавуваат и го честитаат големиот празник “денеска е Коледе, утре е Божик” за што добиваат дарови (овошје, бомбони, пари итн.)
Со Божиќ е поврзана и поговорката: “Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат.