Американскиот астронаут Џон Јанг, кој се прошета на Месечината во 1972 година и кој прокриумчари сендвич со говедско во орбитата, почина на 87 годишна возраст, соопштија властите.

Тој во кариерата леташе во три програми на НАСА, а е единствен на кој тоа му успеало.
Починал во петок вечер од компликации предизвикани од воспаление на градите, во својот дом во Хјустон, соопштија од НАСА.
Поранешниот тест пилот на американската морнарица беше деветто лице кое стапна на Месечината, а по него тоа им успеа уште на тројца. На крај стана еден од астронаутите со најмногу постигнувања во историјата на американската вселенска програма.
Два пати леташе во вселената со програмата на НАСА Гемини, во средината на 1960-тите, два пати на месечевите мисии Аполо и два пати на вселенските шатлови во 1980-тите. Тој е единствен што летал на сите три програми.
Јанг замина во пензија во 2004 година по 42 години работа во НАСА.
Мисијата Аполо 16 во април 1972 година беше негов четврти вселенски лет, и го одведе на површината на Месечината. Со неговиот колега Чарслс Дјук го истражуваа Дескартес подрачјето на Месечината, собраа 90 кг камења и други примероци од тлото, а се повозија 26 км на месечевиот ровер.
Првиот лет во вселената му беше 1965 година во мисијата Гемини 3 која го одведе него и астронаутот Гас Гарисон во орбитата на Земјата во првиот американски лет со двајца. Неговата мисија Аполо 10 во мај 1969 година послужи како генерална проба за историската на Аполо 11 два месеци подоцна кога Нил Армстронг стана прв човек што се прошетал по Месечината. Јанг и неговата посада изведоа се од мисијата освен што не слетаа на Месечината.
Петата мисија на Јанг во која беше командант беше прв лет на НАСА со шатлот Columbia 1981. Тој беше првиот човек кој летал во шест мисии во 1983 година кога командуваше со Columbiа на нејзиниот прв лет како вселенска лабораторија, со посада која изведе 70 опити. По тоа никогаш повеќе не леташе во вселената.
Јанг е роден на 24 септември 1930 година во Сан Франциско, а пораснал во Орландо на Флорида. Откако дипломирал аеронаутичко инженерство на Технолошкиот институт во Џорџија во 1952 година, стапил во морнарицата и дипломирал за пилоти тестери.
НАСА го одбра во 1962 година за својата астронаутска програма.