Објавен романот „Исушено блато“ од Јанко Полиќ Камов

од desk2
215 прегледи

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Исушено блато“ на најконтроверзниот хрватски писател и предвесник на хрватската авангарда – Јанко Полиќ Камов, во превод од хрватски јазик на Татјана Ѓорговски.

Јанко Полиќ Камов е декадент, егоцентрик, чудна и контроверзна личност, апокалиптичен поет, прв хрватски поет на асфалтот. Тој е најнеобичната фигура во новата хрватска литература, авангардист пред да настапи хрватската книжевна авангарда, неприфатен и несфатен во своето време, но и забрануван. Ја оспорува традицијата, ги отвора табуата, внесува иновации во литературата. Во неговите дела има сатира, сарказам, еротизам, револт против канонскиот морал; пишува жестоко, радикално, директно и искрено. Живее слободоумно и разуздано, а неговото творештво се потпира на автобиографските елементи и на неговиот немирен дух. Допира многу табуа за сексот, развратот, пороците, болестите, лудилото, смртта…

Најпознато дело му е романот „Исушено блато“ – своевиден интимен дневник на авторот. Слободен е во исказот и отворено и со иронија пишува за сè што го опкружува главниот лик, од општествените состојби до алкохолизмот, садизмот и инцестот. Имал голема слобода во животот, но и во пишувањето.

Романот е поделен на три дела – „На дното“, „Во широчина“ и „Во височина“, ги следи интимното и хрониката во раскажувањето, што претставува збир на клучните карактеристики во неговата новелистика: авангардистички пресврт во поглед на традицијата, т.е. наследените композициско-организациски начела на дотогашната проза, грчевита смена на интроспективните одломки и егзистенцијалистичките, моралистичките дискусии, парадокси и апсурди.

Романот е приказна за Арсен Топлак, млад интелектуалец и писател. Во првиот дел „На дното“ тој открива дека боледува од опасна болест која била вообичаена во тој период – на самиот почеток на 20 век. На својата болест гледа како на предност, затоа што му овозможува поинакво искуство од обичните луѓе. Раскажувањето е во трето лице, а освен темите за пријателството, ги опфаќа семејните ситуации, проблемите од социјалната природа и љубовните врски.

Неговите дела не биле прифаќани за време на неговиот живот, како од критиката, така и од уредниците и издавачите. Го одбиваат сите издавачки куќи, но и театрите за драмите. Единствениот и постојан мецена е неговиот имотен брат Владимир, кој му овозможува за кусо време да ги објави првите четири книги. Умрел од туберкулоза на неполни 24 години, а за кусиот живот напишал релативно богат опус. Автор е на книгите: Пцост (1905, поезија) и Иштипана хартија (1907, поезија); Прикажувања (1914, новели, написи и фељтони: Ecce Homo, Брада, Слобода, Жалост, Катастрофа, Неранимајко, Жена, Костум, Тавтабита), на драмите: Трагедија на мозоците (1906), На родната грутка (1907), Манастирски драми (1907: Оргија на монасите, Девица), Човештво (1908), Маминото срце (1910) и на романот: Исушено блато (1906-1909).

Неговото најпознато дело, романот „Исушено блато“, кој се смета за провокативен урбан роман, во Хрватска не бил објавуван до 1957 година.