ЕУ влегува во борба против лажните вести на интернет

од Vladimir Zorba
76 прегледи

  Европската комисија соопшти дека иницирала јавно советување за дезинформациите објавувани на интернет и дека формирала експертско тело чија задача ќе биде спречување на ширењето на лажните вести на ниво на ЕУ.

Во соопштението се посочува дека експертската група ја сочинуваат претставници на академската заедница, интернет платформите, медиумите и на граѓанското општество, кои ќе ја советуваат Европската комисија за феноменот на лажните вести и ќе даваат препораки за справување со него.

Стратегијата за борба против ширењето лажни вести на ниво на ЕУ треба да биде презентирана претстојнава пролет.

Резултатите од истражувањето на Евробарометар, објавени на 17 декември 2016 година, покажаа дека европските граѓани се загрижени за независноста на медиумите, но и дека немаат доверба во нив.

Заменик-претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс изјави дека слободата за пристап и објавување на информациите и плурализамот во медиумската сфера се зацртани во Повелбата за фундаментални права на ЕУ.

– Живееме во време во кое не преплавуваат информации и дезинформации. Затоа на нашите граѓани мораме да им обезбедиме алатки за препознавање на лажните вести и да ги подобриме доверба во интернетот и управувањето со добиените информации, нагласи Тимерманс.

Потпретседателот на Европската комисија задолжен за единствениот дигитален пазар Андрус Ансип пак смета дека ЕУ треба да изнајде избалансиран пристап меѓу слободата на изразување, медиумскиот плурализам и правата на граѓаните за пристап до разновидни и веродостојни информации.

Social media and networking concept: group of color signs with social media services isolated on white background

Европскиот парламент лани усвои Резолуција со која ја повика Еврокомисијата длабински да ја проанализира состојбата и правната рамка во однос на лажните вести и да ја разгледа можноста за законска интервенција со цел да се ограничи ширењето на лажни вести.

Еврокомисијата од своја страна тогаш соопшти дека борбата против лажните вести е нејзин приоритет и дека справувањето со овој феномен ќе биде вклучено во нејзината програма за работа за оваа година.