Новите идеи за решавање на спорот со името што медијаторот Метју Нимиц ги претстави на разговорите во Њујорк не може да се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв. Ваква реакција беше испратена од МНР вчера, откако преговарачот од македонска страна Васко Наумовски го оцени предлогот на Нимиц како недостоинствен.
– Согласно узансите на дипломатијата, идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв, посочија вчера од МНР.
Според МНР, учеството во процесот за надминување на разликата со името меѓу Македонија и Грција бара висок степен на професионалност и одговорност. Градењето мостови и отворањето врати кон европската и евроатлантската иднина на земјата бара трпение и посветеност.
Македонскиот претставник Наумовски по последната рунда разговори во Њујорк изјави дека предлозите изнесени од медијаторот Метју Нимиц се далеку од достоинствено решение. Тој, меѓу другото, рече дека од медијаторот биле презентирани некои идеи за кои смета дека излегуваат од рамката дадена во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност.
За ДУИ ваквата изјава е избрзана, за ВМРО-ДПМНЕ е изјава која треба да се сфати сериозно, додека во СДСМ, пак, сметаат дека предлогот треба да се разгледа, па дури тогаш да се даваат констатации.
Последниот предлог не го коментираше и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се додека не биде разгледан и не се изгради заеднички став. Оцени дека е добро што има нов предлог за името.
Според Владата, по последните разговори во ООН се создаваат услови за придвижување напред на процесот за решавање на прашањето за името, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни.
– По внимателна анализа на рамката на Нимиц што ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, од Владата најавуваат дека согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија, посочија од Владата.
Посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц по средбата изјави дека решение за спорот за името е на повидок со што ќе се стави крај на 27-годишниот спор меѓу Грција и Македонија.
Тој посочи дека на маса презентирал сет со сугестии и предлози и оти очекува двајцата претставници Наумовски и Василакис да ги претстават на своите влади./MIA