Во Кавадарци Изложба на дела од Кичевската ликовна колонија

од Vladimir Zorba
101 прегледи

   Изложба со дела од Кичевската ликовна колонија е отворена синоќа во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.

Директорот на културниот дом Владимир Темков рече дека му е чест и задоволство што и кавадарчани имаат можност да ги видат овие уметнички дела, создадени во рамки на една од најдобрите ликовни колонии во Македонија.

Организаторот на Ликовната колонија со интернационален карактер која се одржа по 24 пат, Горан Донески потсети дека се тоа дела создавани во куќата на уметноста во кичевското село Кнежино. Се работи за слики од 21 уметник од 14 држави.

Во рамките на колонијата биле создадени преку 70 дела во различни техники.

– Покрај тоа што имаа можност да творат и да се дружат, на уматниците им го овозможивме и тоа задоволство да ги запознаат убавините на Македонија. Тие се воодушевени од природните богатства на земјава и гостопримството, нагласи Донески.