Денеска во Основниот суд Скопје, на обвинителна клупа ќе седнат 10 лица осомничени за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, на 27 април минатата година во Собранието. Покрај Кире и Цане Ѓорѓиевски, осомничени за обид за убиство се Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села нема да присуствува на првото рочиште, но како оштетена страна ќе биде претставен од страна на неговиот адвокат Абедин Абдули. Според извори на Алсат М, претставникот на обвинителството во овој судски случај ќе биде Дарко Јакимовски, а судењето ќе го води судијата Славица Андреевска.
Обидот за атентат врз Села е третиот случај во судските постапки за настаните на 27 Април. Првиот беше случајот на деветте осомничени за учество во насилство кои добија условни казни.
Вториот случај е казната на Панче Ангелов кој беше осуден на четири години затвор за насилство врз пратеничката Радмила Шекеринска.
Во Обвинителството за организиран криминал и корупција во тек е истражна постапка за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ во врска со крвавите случувања во Собранието.
За ова дело во моментов се осомничени 36 лица. Меѓу нив се и поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, шест пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, организаторите на протестите од За заедничка Македонија и други осомничени. Обвинителството не ја исклучува можноста за проширување на истрагата.