Во организација на Македонска Асоцијација за развивање на игри (МАГДА) од денеска до 28 јануари на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје ќе се одржи петтиот по ред „Global Game Jam Македонија“. 
Организаторите очекуваат учество на над 300 гејмери и публика од над 2.000 луѓе за време на настанот.
Global Game Jam е најголемиот интернационален настан за креирање игри, кој се одржува еднаш годишно истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48 – часовен маратон. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2017 година на Global Game Jam се сретнаа 36.000 џемери, се одржа на 702 локации во 95 земји и беа создадени преку 7.000 игри.
Македонија го започна своето учество во 2013 година со локации во Скопје и Битола. Во изминатите пет години учествуваа близу 1200 учесници – професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери, а беа создадени 121 видео игрa во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.
– Македонија беше на петтото место во светот по бројот на игри создадени на нашиот настан по глава на жител. Оваа година сакаме да го подобриме тој пласман, преку зголемување на бројот на учесници. Global Game Jam Macedonia 2018 се очекува да има преку 300 учесници на локациите, наведуваат од МАГДА.
За учесниците е обезбеден непрекинат интернет пристап, храна, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и простор за одмор. Во текот на работата ментори ќе им помагаат на учесниците и ќе одржуваат кратки предавања. За најиновативните тимови и поединци се обезбедени награди.