Поранешниот албански претседател Бујар Нишани давајќи поддршка на протестите на опозицијата во земјата, кои се закажани за 27 јануари, оцени дека во Албанија владее хаос. Тој го обвини актуелниот премиер, Еди Рама, за директна поврзаност со криминалните струтури во Албанија со што, според него, ја носи земјата назад, а не напред кон ЕУ.

„Денеска е неоходно да се надмине актуелното статус кво во кое се наоѓаме повеќе години, како и големите социјални проблеми во кои се наоѓа земјата“, изјави Нишани и додаде дека граѓаните од ден на ден стануваат сѐ посиромашни, а хаосот станува сè поголем.
Поранешниот албански претседател во изјава за албанските медиуми вели дека на 27 јануари опозицијата ќе успее да го убеди премиерот Рама и неговата Влада да престане со лошата политика и да се прогласат предвремени избори.
Инаку, опозицијата во Албанија, како што соопшти претседателот на Демократската партија, Лулзим Баша, на 27 јануари ќе ги оддржи најголемите и најмасовни протести во земјата со цел да се собори Владата на левицата предводена од Еди Рама.