Првиот градски автобус без возач се вклучи оваа недела во јавниот транспорт во шведската престолнина Стокхолм, соопшти шведското радио SR, цитирано од РИА Новости.
„Тој се движи полека и тивко, бидејќи е електричен“, велат од радиото.
Плановите за пробно пуштање на таков автобус станаа познати уште на крајот на минатата година, откако беше издадена дозвола од националното управување за транспорт.
За 6 месеци, два автобуси опремени со електрични мотори ќе се движат пробно. Трасата, која ќе ја минуваат со брзина од 20 км / ч, е долга 1.500 метри. Новите автобуси тежат 3,3 тони и можат да носат 12 патници.
За време на пробниот период, ќе има лице кое ќе го следи движењето на возилото, изјави менаџерот на проектот и шеф на „Nobina Technology“, Питер Хафмар.
Новиот автобус има специјални сензори кои ги снимаат сите пречки на патот и возилото запира.
Радиото додава дека понекогаш сензорите реагираат на безопасни бариери како што е облак од пареа, карактеристично нешто за зимскиот период.
Производителот на автобуси е француската компанија Easymile.