Поднесоа оставки, но сѐ уште добиваат плата – Владата не ги испратила оставките на Алијанса до Собранието

од Vladimir Zorba
90 прегледи

Oткако по излегувањето на Алијансата за Албанците од Владата, поранешниот заменик-министер за труд и социјална политика, Елми Азири поднесе оставка, неговото столче остана празно. Азири вели дека ги предал возилото, мобилните телефони и службените документи. Истото го тврдат и поранешниот заменик-министер за транспорт и врски, Ремзи Мехмети и за надворешни работи, Арта Точи. Тројцата функционери велат дека и понатаму добиваат плата, иако веќе еден месец чекаат да им бидат верификувани оставките. Првиот човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села обвинува дека ова се нечии игри, пренесува ТВ21.

 

„Кажувам отворено – ние не сме дел од Владата и Премиерот нека почне да ги разрешува нашите функционери, бидејќи тие и така не одат на своите работни места. Доста веќе со овие политички игри, ние немаме потреба од тоа. Транспарентни бевме во моментот кога станавме дел од Владата, транспарентни бевме кон јавноста кога излеговме од Владата, а игрите им ги препуштаме на другите“, рече Села.

 Од Владата велат дека оставките не се испратени до Собранието, бидејќи сѐ уште не се именувани замениците на поранешните функционери на претходниот владин партнер.

Наследникот на Арбен Таравари, Венко Филипче, вели дека директорите на Алијанса за Албанците, кои поднеле оставки во здравствените установи, редовно доаѓаат на работа, бидејќи и претходно работеле во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Додава дека новите имиња ќе бидат назначени наскоро.

Од Алијанса за Албанците велат дека од 20 Управи кои им припаѓаат како дел од владиното партнерство, 10 директори на Јавните претпријатија веќе поднеле оставка, додека пак другите 10 воопшто и не биле назначени. Според Центарот за информирање на оваа партија, освен Таравари, кој беше избран за градоначалник на Гостивар, останува да виси и статусот на тројцата заменици-министри, како и на поранешниот државен секретар за правда Зуљфи Адили.