Шекеринска – Бериша: Македонија и Косово сакаат да градат искрени и отворени односи

од Vladimir Zorba
129 прегледи

   Во последните два месеци веќе вторпат се гледаме со министерот Бериша. Тоа покажува колку времињата се менуваат на Балканот. Тоа покажува колку двете влади се определени на изградба на добри соседски односи. Ова го изјави на денешната прес-конференција во Приштина македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска по средбата со министерот на Косовските безбедносни сили Рустем Бериша.

Тоа, како што рече, беше потврдено и  со учеството  на министерот Бериша на состанокот во форма А5 на САД, Јадранската повелба, што се одржа во Охрид на крајот на 2017 година.

– Тоа ќе го покажеме и во текот на 2018 година кога се надеваме и ја очекуваме заедничката седница на двете влади, додаде Шекеринска.

Во врска со соработка во делот на военото образование, Шекеринска посочи дека е навистина плодна и корисна за двете земји.

– Пред кратко време ја посетив Воената академија во Скопје,  имав прилика да разговарам со питомците граѓани на Република Македонија, но и и со питомците од Косово , од Црна Гора, од Босна и Херцеговина. Тие се идните воени лидери на нашите земји. Ако тие научат добро да соработуваат и да градат регионална доверба и соработка  и нашите земји ќе имаат подобра иднина, истакна Шекеринска и додаде дека заеднички план е оваа соработка во поглед на военото образование да се унапреди.

Потсети дека Македонија неодамна стана членка на НАТО програмата за унапредување на военото образование т.н.  ДИП програма и оти преку таа програма македонската Воена академија ќе се прилагоди на највисоките НАТО стандарди.

Така, како што рече, на сите кадети од регионот ќе им се понуди шанса за добро и квалитетно образование базирано на овие заеднички стандарди.

– Очекувам овој месец  да го потпишеме планот  за  годишна соработка помеѓу нашите  две министерства во 2018 година и се радувам што во мај месец ќе учествуваме на вежбата заедничка Орел VI. И таа вежба ќе биде една дополнителна причина повеќе да го користиме и вашиот центар за барање и спасување којшто навистина може да биде регионален капацитет, рече Шекеринска.

Македонската министерка за одбрана истакна дека новата Влада на РМ покажа дека се враќа и става фокус на нашите стратешки приоритети,  членство во НАТО и членство во ЕУ.

Потсети дека генералниот секретар на НАТО, Столтенберг неодамна беше во Скопје, и притоа истакна дека е  импресиониран од напредокот на Македонија, а дел од овој успех, како што рече Шекеринска, е нашиот нов пристап кон соседите.

– И денеска исто имавме шанса да истакнеме дека навистина сакаме да градиме искрени, отворени и многу поинтензивни односи со нашите соседи и со Република Косово. Тоа го покажуваме и со фактот дека овдека имаме воено аташе коешто  ги покрива и Косово  и Црна Гора и Босна и покажува дека сме заинтерсирани за поинтензивна соработка, истакна Шекеринска.

На новинарско прашање колку Македонија е подготвена да даде поддршка на трансофрмацијата на безбедносните сили  во Армија на Косово, Шекеринска одговори дека првата работа кoја што мораат да ја гарантираат  соседите е да помагаат,  а не да одмагаат.

– Тоа значи дека за чувствителни прашања треба да  бидат внимателни.  И заради тоа РМ отсекогаш  водеше сметка и за ставот  кој што го слушаа во Приштина, во регионот, но и на ставот  којшто го има меѓународната заедница.  И во таа смисла навистина дадовме поддршка на ставовите на меѓународната заедница  кооишто се однесуваат на  процедурата која мора да се почитува, која мора да ја земеме предвид  целата политичка состојба  и мора да ги земеме предвид сите  сензитивности на ова прашање, рече Шекеринска.

И во таа смисла, како што додаде, го почитуваме ставот на меѓународната заедница дека овој процес треба да се води  низ процес на уставни промени.

– Во тој дел ние како добар сосед  не се мешаме  Но во секој од тие договорени  чекори ние сме спремни  да понудиме помош и искуство  коешто и самите го имаме, истакна македонската министерка за одбрана.

Во рамки на еднодневната официјална посета на Косово, Шекеринска оствари средба и со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

– Македонија и Косово се две пријателски земји, чии односи се базираат на меѓусебно почитување, доверба и отвореност за соработка, заклучиле на средбата Шекеринска и Харадинај.

Шекеринска на средбата истакнала дека Македонија цврсто верува оти добрососедските односи се вистинскиот пат кон развиен и просперитетен регион. Посочила дека заедничката седница на двете влади планирана за оваа година ќе ја зајакне и унапреди соработката меѓу Македонија и Косово.