Иако министерот за култура најави дека ќе биде стопирана градежната офанзива на Али Пашината Џамија, на објектот и понатаму се работи со полна пареа, информира ТВ24.

Охриѓани бараат министерот да си стои на зборот и да го стопира проектот,а институциите да започнат да ја вршат својата работа. Од здружението ,,Совест” и понатаму тврдат дека џамијата е изградена на темели од црква и противзаконско е да се реставрира, а истовремено и конзервира. Бидејќи со месеци никој не го слуша нивниот збор тие поднесоа неколку кривични и прекршочни пријави, кон екс директорката на Завод и Музеј, државниот градежен инспекторат и други надлежни служби за кои тврдат дека ја злоупотребиле својата положба бидејќи дозволиле да се гради тешка градба во срцето на охридската чаршија.Сега бараат помош и од УНЕСКО.
„Бараме веднаш да престанат сите активности, да се формира комисија која независно ќе ја испита целата процедура во која би се вклучил и експерт од наша страна. Ние зборуваме за зачувување на културното наследство и секакво сеење на верска, етничка или било каква омраза е неприфатлива“, вели Михаил Трендафилов –Нанче – Здружение Совест
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски потврди дека за судбината на џамијата ќе одлучува УНЕСКО од кого министерството ќе побара проценка и мислење- дали активностите во објектот се во согласност со светските практики.
,,Она на што во следниот период ќе инсистираме е да не се создаде ситуација да тоа минаре се изгради, а без да побараме претходно мислење одУНЕСКО а потоа и политички договор“, вели министерот Алаѓозовски.
Во моментот на објектот се поставуваат столбови, а следна е изградба на минарето кое треба да биде високо 32 метри.Од ,,Совест” потенцираат дека реставрацијата може да уништи дел од културното наследство околу џамијата и целосно да го промени ентериерот на охридската чаршија.