Можен ли е голем судир на турската и сириската армија?

од desk2
98 прегледи

Турскиот претседател најави дека после Африн, ќе нареди турската армија да тргне кон Идлиб каде што моментално има распоредено сили на сириската армија, па многумина стравуваат од нова ескалација на ситуацијата.

Реџеп Таип Ердоган во изминатиот период самоуверено тврдеше дека откако турската војска ќе ги заврши пресметките со курдските „Единици за заштита на народот“ во сирискиот град Африн, ќе тргне кон градот Манбиџ каде што покрај курдските, исто така се распоредени и американските сили.

Но, сега турскиот претседател го менува планот, или пак едноставно го надоградува постоечкиот, истакнувајќи дека турската војска после офанзивата на Африн, ќе тргне во правец кон Идлиб.

„Сакаме сириските браќа и сестри да се вратат на својата земја, а сега после Африн, сакаме да ја направиме истата работа и во Идлиб“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Интересно е тоа што Ердоган го менува планот непосредно откако американските воздушни сили изведоа голем воздушен напад во кој што, според Пентагон, биле елиминирани најмалку 100 про-владини борци на истокот на земјата.

Според воените аналитичари, после долгото време без одговор, од Вашингтон одлучиле да му испратат порака на Реџеп Таип Ердоган дека во никој случај немаат намера да ги повлечат своите сили од Манбиџ, па нападот на истокот на Сирија може да се протолкува како демонстрација на сила.

Исто така, најавата на турскиот претседател дека турската армија ќе ја прошири својата операција „Маслинова гранка“ кон Идлиб доаѓа во периодот кога се уште трае офанзивата на сириската војска која што се бори против милитантите на просторот на Идлиб.

Поради тоа, многумина стравуваат дека наскоро би можело да дојде до голем судир помеѓу сириската армија и турската армија, нешто што дополнително би ја запалило ситуацијата на Блискиот исток. Доколку се случи ова, ќе биде интересно да се види како ќе реагираат од Москва, со оглед на тоа што досега руските власти молчеа додека турската армија вршеше агресија на нивниот „легитимен сојузник“ – Башар Ал Асад.