Македонската женска кошаркарска репрезентација со тежок пораз од Хрватска со 47:108 вчера во Скопје го отвори вториот прозорец од квалификациите за Евробаскет 2019.
Нашата национална селекција го запиша првиот пораз во овој втор квалификациски прозорец, трет севкупно во овој квалификациски циклус.
„Жолто-црвените“ не успеаја да пронајдат одговор за играта на високите противнички кои рано направија двоцифрена предност која ја задржаа се до крајот.
Капитенот Анџелика Митрашиновиќ беше најпрецизна за македонската селекција со 24 поени. Кај гостинките, прв стрелец беше Антонија Сандриќ која забележа 22 поени и 8 асистенции.
Следниот натпревар за избраничките на селекторот Марјан Лазовски е на гостински терен против Италија на 14 февруари, а дуелот почнува од 18:30 часот.