Олаф Шолц, градоначалник на северниот пристаништен град Хамбург од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), се враќа во Берлин, откако беше именуван за в.д. претседател на својата партија потресена од криза. 
Тој се смета и за фаворит за влијателната функција на министер за финанси во новата коалициска влада на канцеларката Ангела Меркел.
Педесет и деветгодишниот политичар ќе биде и нејзин вицеканцелар, но сето ова ќе се случи, доколку успее да го убеди членството на СПД да го смени скептичниот став и да го поддржи коалицискиот договор со конзервативниот блок на Меркел, како и нејзиниот четврти мандат на функцијата.
Шолц се враќа во Берлин по 15 години, откако беше сменет од функцијата генерален секретар на СПД, кога го доби прекарот „Шолц мат“ поради „механичкиот“ и „автоматизиран начин“ со кој се обидуваше да ги објасни сеопфатните реформи во трудовото законодавство и социјаната политика на поранешниот канцелар Герхард Шредер пред скептичната јавност.
Шолц вели дека знае како го добил прекарот. – Јас ги убедував луѓето да ги прифатат тие политики. Требаше да покажам извесна доза на попустливост, признава тој.
Најверојатно таа карактеристика ќе му треба и пред двомесечното раководење со СПД, додека ќе се бори за спас на партијата. Партијата е потресена од рекордно слабиот резултат на септемвриските избори, проследен со серија погрешни политички проценки на партиското раководство, но Шолц нема време за губење.
Тој треба да убеди повеќе од половина од 463.723-та членови на СПД да го поддржат коалицискиот договор на внатрепартиското изјаснување, што започнува утре во ислови кога мнозинството од челнството смета дека е подобро партијата да премине во опозиција и да се изработи план за нејзина обнова.
Анкетите на јавното мислење јасно покажуваат колку е голем притисокот врз Шолц. Откако на изборите во септември поддршката на СПД падна на 20,5 проценти, таа продолжи да се намалува достигнувајќи минатата седмица катастрофални 16,5 отсто, според истражувањето на Институтот ИНСА за дневниот весник „Билд“.
Прагматичниот Шолц освен тоа ќе треба на најбрз можен начин да го убеди членството на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел дека државните финансии ќе бидат во сигурни раце штом тој ќе стапи на должноста министер за финансии. Активисти на ЦДУ се лути затоа што канцеларката им го отстапи местото министер за финансии на социјалдемократите.
Иако член на СПД од 1975, изненадување претсавуваше неговиот избор за в.д. претседател на партија, по внатрепартиски бунт што ја оневзоможи намерата на досегашниот партиски лидер Мартин Шулц да ја назначи за негов наследник шефицата на пратеничката група Андреа Налес.
Потресите во врвот беа предизвикани од оставката на Мартин Шолц на местото лидер на партијата.
Четириест и седумгодишната Налес сега ќе треба да почека до Конгресот на СПД во април, за да дознае дали партиските структури се подготвени да јас прифатат нејзината кандидатура, со што би станала првата жена на чело на партијата во нејзината 154-годишна историја.
Адвокат по професија, пред околу една деценија Шолц беше министер за труд и социјална политика во првата коалициска влада на Меркел со СПД. Како министер тој доби уште една тешка задача, да ја спроведе непопуларната владина политика за справување со проблемите што ги предизвикува стареењето на населението и да ја зголеми возраста за пензионирање на 67 години.
Набрзо потоа Шолц се врати во Хамбург, каде што стана популарен градоначалник на градот, освојувајќи апсолутно мнозинство на изборите во 2015 година.
Минатата година неговото управување како градоначалник беше помрачено од насилство и штетите при демонстрациите на антиглобалистите за време на средбата на врвот на Г20 на чиј донаќин беше Меркел.
ДПА – Хамбург