Откако во неколку наврати беше нагласено дека ОЈО е кариката каде што системот „заглавува“ во решавање на случајот со континуираните злоупотреби на 13-годишната штитеничка на заводот „25 Мај“ од таму нема никаква реакција.

Денеска и Софија Бојковска, полномошник, (адвокат на биолошките родители на девојчето) за Академик изјави дека до Основното јавно обвинителство од страна на биолошките родители на детето преку адвокат поднесоа и кривична пријава до Основното јавно обвинителство на ден 1.8.2017 година, против старателот и против Домот „25 Мај“, а надлежен јавен обвинител за случајот е Е. Н. По точно 6 месеци од поднесувањето на кривичната пријава одговор за некакви преземени дејствија од страна на Обвинителството нема.
Бојковска за порталот Правосудство изјави дека Центарот за социјална работа, Домот „25 Мај“, Министерството за труд и социјална политика и Основното јавно обвинителство биле летаргични, се однесуваале „крајно неодговорно, непрофесионално и не постапуваа во согласност со закон, иако одамна беше алармирано дека станува збор за сериозни индиции кои укажуваат на повеќе сторени кривични дела врз ова малолетно девојче“.
И министерката Мила Царовска во Топ тема изјави дека ОЈО не постапило во случајот.
Царовска: Институцијата (25 Мај) пријавува, до детали ги има извештаите испратени до МВР. МВР издава соопштение дека се обраќа до Основното јавно обвинителство. Без ОЈО да покрене постапка …?
Сања Васиќ: До сега не е покрената постапка, против ниту еден од овие луѓе (од извештајот на МВР н.з. кој се однесува на настан од 3 јануари 2017)
Царовска: Апсолутно. Токму тука затајува системот.
Непостапувањето на ОЈО Царовска го потенцираше и во изјава за Канал 5.
– МВР своите обврски согласно законот ги завршило. Но, кога стигнува до јавното обвинителство, и се до денеска, нема никаков постапување. За тоа информираат од МВР во своето официјално соопштение – вели Царовска.
Според неа, од Основно јавно обвинителство треба да отпочне одредена истрага за сторителите да бидат казнети.
Пред два дена се обративме до ОЈО со прашање како би ги искоментирале обвинувањата дека не постапиле, според известувањата на МВР
Втор ден нема никаков одговор.
Сепак, денеска од истиот меил на кој им се обративме со прашање не информираа дека извршиле увид на местото на пожарот во с. Песочан./Libertas