Македонската кошаркарска репрезентација в недела ја пречекуваат селекцијата на Словачка против која нов триумф очекува селекторот Јорданчо Давитков.
– Нема да калкулираме. Одиме на победа, победивме во Попрад, се надевам дека ќе победиме и в недела. Треба да одиграме максимално, но желбата е само триумф. Противникот има солидна екипа, со екстра-играч Курич кој е извонреден шутер. Го имаат уште Седма, кој е искусен и малку постар, но сепак може да помогне. Тука е и тренер кој доаѓа од екс-Ју просторите. Но, што и да е, мислам дека по победата во Словачка треба повторно да победиме, изјави Давитков на денешната прес-конференција.
Има место за простор за напредок во нападот. Играчите веќе ја препознаваат мојата филозофија на игра. Со Швајцарија беше малку стегнато, имаше притисок, но сега мислам дека ситуацијата ќе биде поинаква. Сите 16 играчи се појавија на првиот собир, на овие тренинзи што ги имавме досега работат солидно. Тоа е и очекувано, затоа што се наоѓаат во топ-форма. Имаме мал проблем со Димитријевиќ кој е повреден. Се мачи со повреда на препоната. Синоќа не тренираше, се наоѓа на лекарски прегледи, додаде македонскиот селектор.
На неговите зборови се надоврза и капитенот Војдан Стојановски.
– Сите од играчите знаеме колку е важен овој натпревар за нас. Најважно е да нема опуштање в недела и да одиграме како што знаеме. Не треба да дозволиме победата во Попрад да не опушти, Ако почнеме добро во одбрана нема да имаме проблем на натпреварот.
Натпреварот ќе се одигра в недела (25 февруари) во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20 часот и 15минути.