Во Велика Британија се појави нова анти-Брегзит партија инспирирана од Макрон

од Vladimir Zorba
86 прегледи

  

 

Во Велика Британија се формира нова центристичка и анти-Брегзит политичка партија наречена Обнова, инспирирана од партијата Република во движење (РЕМ) на францускиот претседател Емануел Макрон, 

Новата партија има амбиции да го запре Брегзитот и да го заживее центарот на британската политичка сцена, искористувајќи го јавното мислење, кое според оценката е малку понаклонето кон останување во ЕУ.

– Апетитот на новата партија е огромен, изјави на прес-конференција Џејмс Кларк еден од тројцата лидери на Обнова.

И владејачката Конзервативна партија и лабуристичката опозиција ветуваат дека ќе го почитуваат резултатот од референдумот од 23 јуни 2016 година, на кој 52 отсто од гласчите решија Велика Британија да ја напушти ЕУ.

Третата по големина британска партија, еврофилската Либерални демократи, не успеаја да го искористат противењето на Брегзит на дел од населението.

– Обнова сака да биде платформа за групата луѓе, кои се сметаат за политички неопределни и се чувствуваат запоставени, додава Кларк.

Партијата е мотивирана директно од РЕМ, што ја основа Емануел Макрон во април 2016 година и е позиционирана во центарот на француската „политичка шаховска табла“. Нешто повеќе од година подоцна тоа движење стана голем победник на парламентарните избори по изборот на неговиот лидер за претседател.

– Нема формална врска меѓу Обнова и РЕМ, но она што се обидуваме не е толку далечно од тоа што Макрон го постигна во Франција, објасни Кларк за АФП.

– Господин Макрон покажа дека е можно за кратко време да се направи нешто исклучително, додава тој. – Би сакале да не доживеат како различни од традиционалните политички партии. Ниту лева, ниту десна. Обнова сака да пушти корени во празнината на центарот на британската политика, вели Кларк.

Партијата тврди дека веќе може да предложи 300 кандидати на следните парламентарни избори предвидени за 2022 година, кои би можеле да се одржат и порано, поради слабоста на конзервативната премиерка Тереза Меј, чија влада е поделена.

Партијата предвидува да предложи кандидати, кои ќе потекнуваат  од граѓанското општество, во 650 изборни единици во државата.

– Многу кандидати се подготвени да се самофинансираат. Ние имаме сосема скромни приходи добиени од некои донатори, изјави Кларк.

За да ја изработи програмата, Обнова во февруари иницираше голема акција „од врата, до врата“, за да го види јавното мислење на терен.

Обнова ја основа поранешниот финансиер Крис Коглан пред општите избори во јуни 2017 година, на кои тој настапи како независен кандидат за Јужен Лондон со анти-Брегзит програма. Тој се пласира на четвртото место со 1.234 гласа.

Тоа е една од проевропските иницијативи што се појавиа во последниот период во Обединетото Кралство поради незивесноста од Брегзитот, и имаат за цел да се обидат да го спречат процесот на излегување од европскиот скут, што треба да се реализира на 29 март 2019 година.

Од последните избори анкетите на јавното мислење покажуваат дека расте поддршката за останување во ЕУ и без да се регистрира радикален пресврт.

На почетокот на февруари движењето што се противат на Брегзитот лансира заедничка платформа Изворна координативна група (ГЦГ), за да ги координираат напорите, да влијаат на преговорите со Брисел и дури да се обидат да издејствуваат нов референдум. Тие разновидни организации вклучуваат околу 500 илјади лица и неколкумина пратеници.

Ендру Адонис, либерал, член на Домот на лордовите лансира сопствена кампања заедно со група млади, сакајќи да го спречат Брегзитот по демократски пат – „Нашата иднина, наш избор“, а проевропската организација „Најдоброто за Британија“ доби околу 500 илјади фунти  (564.000 евра) од американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Обнова  вели дека сака да се справи со причините кои ги поттикнале избирачите да гласаат за Брегзит и поконкретно „длабокото незадоволство од нерамноправноста“.

Партијата планира да се заложи за заголемување на минималната плата, подобрување на инфраструктурата надвор од Лондон и изградба на подостапни живеалишта, а исто така, сака „да изнајде најдобри начини за управување со имиграцијата, една од главните теми на кампањата про-Брегзит.

АФП – Париз