Поради снег забранет сообраќајот за товарни возила на повеќе патни правци

од desk2
84 прегледи

Поради врнежите од снег забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Маврово – Дебар, Струга – граничен премин Ќафасан, како и на планинските премини Пресека, Стража и Буково.

Како што информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а на сите сообраќајни патни правци во државава врне снег. Оттаму ги потсетуваат возачите дека законската обврска за задолжително поседување на зимската опрема во возилата, трае до 15-ти март 2018 година.

Поради појава на магла видливоста е намалена од 15 до 20 метри на Попова Шапка и на планинскиот премин Стража до 100 метри.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.