Додека вештачката интелигенција, машинското учење и роботите стануваат дел од нашето секојдневие, многумина стравуваат дека може да се случи сценарио во кое што машините ќе ги покорат луѓето.

Сепак, ко-основачот на една од најголемите технолошки компании – американскиот гигант Apple, Стив Вознијак, не се плаши од развој на едно такво сценарио кое што би било погубно по човештвото.
„Верувам во Вештачката, но не и во Интелигенцијата. Машините не се ниту блиску до интелигенцијата, затоа што тие едноставно не можат да се споредуваат со човечкиот мозок“, изјави Стив Вознијак на гостувањето на конференција во Индија.
Ко-основачот на Apple е уверен дека вештачката интелигенција нема да влијае на намалувањето на работни места за луѓето, туку напротив, вештачката интелигенција ќе отвори нови работни места.
„Ќе ни бидат потребни нови работни места за да ги направиме тие машини. Но, тоа значи дека новите генерации ќе бираат помеѓу поинакви работни места, од тие кои што ги познаваме денес“, изјави Стив Вознијак.
Запрашан дали може да истакне некој претприемач кој што го интригира, Вознијак веднаш го наведе првиот човек на SpaceX и Tesla Motors – Илон Маск.

„Тој е изумител, тој е визионер“, изјави Стив Вознијак, но додаде дека Tesla треба повеќе да работи за остварување на ветувањата кои што ги дала во врска со своите електрични автомобили.
Популарниот Воз и натаму е верен на Apple, се разбира, користи iPhone, но вели дека има и десетина други паметни телефони кои што ги тестира и со кои што експериментира. Интересно е тоа што иако користи iPhone и Apple Watch, тој смета дека втор најдобар телефон е Google Pixel 2.